„Со ваквите напади, Америка и Британија се обидуваат да ги ескалираат тензиите и кризите во регионот и да го прошират опсегот на војна и нестабилност“, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани.
Тој додаде дека таквата „произволна и агресивна воена операција“ нема да им донесе ништо на „државите агресори“, пишува Тајмс оф Израел.
Канани ги осуди САД и Велика Британија што не преземаат „итни и ефективни мерки“ за да ја запрат израелската војна против Хамас во Појасот Газа, по нападот на палестинската група врз јужен Израел.
САД и Велика Британија извршија напади врз 18 цели на Хутите во саботата, вклучително и подземни складишта за оружје и ракети во Јемен.
Нападите беа против цели на Хутите на осум локации, беа вклучени системи за противвоздушна одбрана, радари и хеликоптер, изјавија официјални лица.
Хутите, кои контролираат голем дел од Јемен, почнаа да гаѓаат комерцијални бродови во знак на протест против израелските напади на Појасот Газа.
Како одговор, САД и Велика Британија започнаа напади врз цели на Хутите во Јемен и групата ја означија како терористичка.