понеделник, 20 мај 2024

Иран: Ако нè нападне Израел, нема да се воздржуваме од нуклеарно оружје

Иран ќе мора да ја промени својата нуклеарна доктрина ако Израел го загрози, кажа советникот на иранскиот врховен лидер Камал Харази, и предизвика загриженост поради иранско нуклеарно оружје.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Не планиравме изработка на нуклеарна бомба, но ако биде загрозено постоењето на Иран, нема да имаме избор освен да ја смениме нашата воена доктрина“, кажа Харази, а пренесе Иранската новинска студентска мрежа, додавајќи дека Техеран веќе навестил дека има потенцијал за изработка на такво оружје.

Иранскиот врховен лидер Али Хамнеи забрани развој на нуклеарно оружје со фатва во раните 2000-ти, повторувајќи го својот став во 2019, кога изјави дека „производството и складирањето на нуклеарни бомби е погрешно, а нивната употреба е харам (верски забранета). Иако имаме нуклеарна технологија, Иран решително ја избегнува“.

Но, во 2021 година тогашниот ирански министер за разузнавачки служби кажа дека притисокот од Западот би можел да го натера Техеран да работи на нуклеарно оружје.

„Во случај ционистичкиот режим (Израел) да ги нападне нашите нуклеарни објекти, нема повеќе да се воздржуваме“, додаде Харази.

Во април Иран и Израел достигнаа највисоко ниво на тензии, откако Техеран лансираше 300 проектили и дронови на Израел како одмазда за израелскиот напад на иранската амбасада во Дамаск во кој имаше жртви.

По долготрајните преговори поради загриженоста дека Техеран би можел да развие нуклеарно оружје, Иран во 2015 година потпиша нуклеарен договор со кој драстично го ограничува збогатувањето на ураниум и ја овласти Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА) за спроведување строги контроли.

Соединетите Американски Држави потоа во 2018 година се повлекоа од договорот, а Техеран почна да збогатува ураниум и ги ограничи инспекциите на ИАЕА.

Неодамна поранешни ирански водечки политичари навестија дека земјата сега е технички способна за изработка на нуклеарно оружје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ