сабота, 27 јули 2024

Инженерите пишаа писмо и до Енергетската заедница: Големи се штетите од договорот со Митилинеос и за ЕУ

Штетите од предложениот договор за когенеративната гасна централа со грчката компанија Митилинеос се големи и долгорочни не само по економските и енергетските интереси на Македонија, туку и по интересите на Европската Унија, се вели во писмото на група професори, инженери и енергетичари до директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница Артур Лорковски со барање за итно влијание врз намерите на нашата Влада да преземе активности спротивни на одредбите од Регулативата (ЕУ) 347/2013.

Објавено на

часот

Сподели

Текстот на барањето го пренесуваме во целост:

„Ние, инженери и професори енергетичари од Македонија Ви се обраќаме со барање итно да влијаете на намерите на нашата Влада да преземе активности спротивни на одредбите на Регулативата (ЕУ) 347/2013 .

Во неколку наврати Секретаријатот на Енергетската заедница се обрати до нашата Влада со препорака за целосно транспонирање на одредбите од Регулативата (ЕУ) 347/2013. Нашата Влада, занемарувајќи ги вашите препораки, деновиве, во забрзана постапка, во услови на подготовка на државата за парламентарни и претседателски избори, за првпат, пристапува кон имплементација на Законот за стратешки инвестиции во кој воопшто не се транспонирани забелешките дадени во вашиот допис бр. NM–MC/O/jko од 15 јануари 2020 година. Владата на исклучително нетранспарентен начин без уредување на подзаконските одредби од Законот за стратешки инвестиции, без добиени правни мислења од надлежните државни органи, на начин кој може да продуцира ризици од корупција, пристапува кон донесување на четири Lex specialis закони со кои се регулира реализацијата на четири исклучително штетни и коруптивни стратешки договори.

Овие Lex specialis закони се носат врз основ на Законот за стратешки инвестиции во кој не се имплементирани вашите забелешки: ‘Како договорна страна на Договорот за енергетска заедница, Република Северна Македонија беше обврзана да ја спроведе, односно да ја транспонира на национално ниво и да ја примени Регулативата (ЕУ) 347/2013 до 1 јануари 2017 година. Секретаријатот обезбеди техничка помош во три досегашните примери, а најновите нацрт-измени на Законот за стратешки инвестиции кои имаат за цел целосно транспонирање на оваа регулатива, во националните институции доцнат речиси една година, а процесот за нивно донесување не е ни започнат.

Како што беше дискутирано во неколку наврати, само членовите 12 и 13 од Регулативата 347/2013, поврзани со надлежностите на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) треба да се транспонираат во Законот за енергетика. Донесувањето на методологија за вакви прекугранични проекти веќе е вклучено во Законот за енергетика што е во сила. Меѓутоа, во правната рамка на Северна Македонија недостасуваат дефиниции за Проекти од интерес на Енергетската заедница (ПЕЦИ) и Проекти од взаемен интерес (ПМИ), а регулаторната агенција ќе биде обврзана да преземе одредени активности поврзани со овие проекти. Бидејќи врз основа на Законот за стратешки инвестиции, РКЕ нема надлежност да развива методологии и распределба на трошоците за националните стратешки проекти и Законот за енергетика ги транспонира надлежностите на РКЕ поврзани со проектите PECI и PMI, постои недоследност помеѓу двата закони и правилното транспонирање и спроведување од Регулативата 347/2013 се доведува во прашање’.

Штетите од ваквиот договор се големи и долгорочни не само по економските и енергетските интереси на нашата држава, туку и по интересите на ЕУ. Искрено се надеваме дека ова наше барање ќе го разгледате со должно внимание и ќе постапите по истото“, се вели во писмото на македонски инженери, професори и енергетичари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ