Стратешкиот инвестиционен проект „Митилинеос когенеративна електрана Скопје“ е всушност добро осмислен и бескрупулозен стратешки грабеж на граѓаните и буџетот на Македонија во наредните 30 години. Државната помош што Владата ќе му ја даде на Митилинеос е неколкукратно поголема од неговата инвестиција, тврдат од Здружението на инженери и енергетичари. Во дописот до меиумите, од здружението наведуваат најмалку шест причини за ова нивно тврдење.
„Со државната помош од 49,3 милиони евра Владата всушност му го финансира на Митилинеос учеството за кредитот со кој тој ќе ја гради гасната електрана, а потоа кредитот лесно ќе се отплаќа од профитот што Митилинеос ќе го има, а кој на годишно ниво изнесува над 40 милиони евра. Во 30-те години колку што е предвидено да трае Договорот актуелната Влада се откажува од најмалку 357 милиони евра во текот на првите 20 години, додека во текот на целиот работен век испуштената добивка достигнува најмалку 1 милијарда и 200 милиони евра. На овој начин владините претставници вршат злоупотреба на службената положба и му овозможуваат на Митилинеос да се стекне со противправна имотна корист. Давањето на неповратната помош, не добивајќи за возврат ништо, како и гарантираните приходи, под закана на големи пенали во случај на неисполнување на обврските, претставува најочигледен пример на злоупотреба на службената положба и овозможување противправна имотна корист на други лица, што бараме да се спречи“, велат од Здружението.
Оттаму предупредуваат и на обврската на Владата на грчката компанија да ѝ изгради и индустриска зона.
Според Договорот, Владата се обврзува на Митилинеос да му изгради посебна индустриска зона на парцела од 115.000 метри квадратни иако за гасна електрана од околу 150 мегавати доволна е локација од помалку од 30.000 метри квадратни. Вредноста на земјиштето и неговото уредување чини најмалку 20 милиони евра, а закупнината на оваа индустриска зона ќе изнесува само 10 денари по метар квадратен или 230.000 евра годишно за Дирекцијата за индустриски зони, коешто е државно претпријатие. Државното претпријатие ќе има поголем трошок за услугите што ќе ги обезбедува со оваа“, велат од Здружението.
Инженерите и енергетичарите потписници на реакцијата уште тврдат дека Владата се обврзала на Митилинеос да му ја откупи вкупната произведена електрична енергија од 1.150 гигават часови годишно по цени што во просек се 16,35 отсто повисоки од берзанските.
„За непроизведените количини до гарантираните количини на годишно рамниште, Владата преку државната компанија ЕСМ се обврзува да плати пенали од 38 евра за секој непроизведен мегават час електрична енергија. Цената на електричната енергија во Македонија е околу 6 до 7 отсто над берзанската цена. Со оглед дека берзанската цена е речиси 17 отсто пониска од цената на струјата од Митилинеос, може да се заклучи дека цената на електричната енергија од Митилинеос е повисока од цената на електричната енергија на пазарот во Македонија за над 10 отсто. Ова значи дека Македонија со набавка на струја од капацитетот на Митилинеос ќе плаќа струја по цена 10 отсто над берзанската, со што загубата за Македонија за 2023-та година би изнесувала над 15 милиони евра. Ако ваквата загуба се задржи во просек и во 30-те години колку што е предвидено да трае Договорот, тогаш вкупната загуба на Македонија само по овој основ ќе изнесува над 450 милиони евра“, пресметале од Здружението.
Освенувајќи се и на други аспекти, што според Здружението одат на штета на државата, оттаму велат дека фактите докажуваат дека неизградбата на гасната централа под условите од Договорот би ѝ донела заштеди на државата и затоа бараат стопирање на реализацијата на предложениот Договор.
„Поради тоа бараме пратениците во Собранието да не го изгласаат овој штетен закон, а повиканите институции да преземат мерки во рамките на своите законски надлежности за постапување во услови кога се евидентни ризиците од корупција, односно кога има индиции за обид за кривични дела“, велат од Здружението на инженери и енергетичари.