Интер е на чекор до пласман во финале во Лигата на шампионите, треба да ја одбрани предноста од 2-0 од првиот натпревар против Милан.
„Утре е еден од најважните натпревари во историјата на клубот. Знаеме дека имаме добра предност, но нема да калкулираме и да го чуваме резултатот, ќе играме за да бидеме подобри на теренот, имаме квалитетен тим“ – вели Симоне Инзаги.
Интер беше во група со Баерн Минхен и Барселона, па Симоне Инзаги беше запрашан дали очекувал дека можат до самиот крај.
„Имаше одредено разочарување по ждрепката во август, немавме среќа, но во исто време на мојот персонал и на играчите им кажав дека и Баерн и Барса немале среќа што не добиле нас од третиот шешир. Стигнавме далеку и сега ни фали само уште еден важен чекор“.
Тренерот на Интер потоа се реши за мала психолошка војна: „На првиот натпревар имаше една епизода која требаше да биде евалуирана на еден поинаков начин. Ќе ни донесеше подобар резултат и поголеми шанси за финале“.
„Но нема проблем и покрај тоа што утре ќе имаме судија од Франција а Милан во своите редови има четворица Французи“.