сабота, 27 јули 2024

Интонирање на химната, забрането пушење и пиење алкохол, дел од новите правила на однесување на штипските ученици

Секој понеделник во сите штипски основни и средни училишта ќе се интонира државната химна, а македонското знаме ќе биде истакнато на видно место. Се воведува и нов Правилник за општи норми и кодекс за етичко однесување на учениците, родителите и на вработените во училиштата,  информираше на денешната прес-конференција секретарот на Општина Штип, Вишна Шорова – Ангелова.

Фото: МИА

Објавено на

часот

Сподели

Во штипските основни и средни училишта нема да се дозволи користење на мобилните телефони. Новиот Правилник, кој го изготви Општина Штип е во соработка со раководствата на сите училишта.

„Овој Правилник предвидува некои веќе воспоставени правила, меѓутоа и неколку нови. Она што е интересно за овој Правилник е што учениците ќе треба да ја интонираат државната химна секој понеделник, додека, пак, училиштата ќе имаат обврска на видно место да го истакнат знамето на Република Македонија. Освен овие ќе се воспостават и некои нови правила, односно ќе се утврди начинот на користење мобилни телефони, начинот на облекување на сите страни, потоа начинот на меѓусебно однесување, а со ова ќе биде забранет булингот, ќе биде забрането пушењето, внесувањето и консумирањето алкохол…“, вели Шорова-Ангелова.

Таа додаде дека Правилникот ќе придонесе за етичко и морално однесување од страна на сите засегнати во образовниот процес. Заедничката мисија на сите ќе биде да ги почитуваат правилата од Правилникот и со тоа да придонесат во подобрување на секојдневието.

„Правилникот има за цел да ги поттикне учениците во образовниот процес, самите наставници да ги мотивираат учениците кон љубопитност, истражување и изучување на нивните предмети, а на родителите со Правилникот би сакале да им помогнеме да се развива креативноста и потенцијалот кај нивните деца“, изјави Шорова-Ангелова.

Правилникот веќе е усвоен од страна на училишните одбори, а изготвениот постер денеска беше истакнат на влезовите од сите училишта. Правилникот за етичко однесување не се однесува само на учениците, туку и на наставниците, стручниот персонал и за сите останати вработени во училиштата, како и за родителите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ