вторник, 22 октомври 2024

Интервјуто на Маск со Трамп доцнеше повеќе од 40 минути, виновен „сајбер напад“

Најавеното интервју на милијардерот Илон Маск со републиканскиот претседателски кандидат на САД, Доналд Трамп, на медиумската платформа на Маск Икс, доцнеше повеќе од 40 минути поради технички проблеми за кои Маск обвини „сајбер напад“.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Интервјуто беше закажано за 2:00 часот по средноевропско време, или 20:00 часот по времето на американското источно крајбрежје, но откако се пријавија нешто повеќе од 100.000 корисници, имаше технички проблеми што го предизвикаа доцнењето.

„Се чини дека станува збор за масовен ДДОС напад врз Икс. Работиме да го запреме. Во најлош случај, ќе започнеме со помал број слушатели во живо, а потоа ќе емитуваме немонтирана снимка веднаш откако ќе заврши“, објави Маск за време на решавањето на проблемите, додавајќи дека за време на подготовката, неговата платформа можела да поддржи околу осум милиони истовремени пријави.

Кога конечно започна интервјуто, бројачот за пријавени на Икс покажа 1,3 милиони пријавени, а поранешниот претседател на моменти звучеше како да шепоти, па некои од слушателите коментираа дека звучи како лик од цртан филм, додека други сугерираа дека може да се работи за компресија на звукот.

Маск, најбогатиот човек на светот, кој го поддржа актуелниот претседател, демократот Џо Бајден, во пресрет на изборите во 2020 година, во меѓувреме се префрли во таборот на Трамп и воведниот дел од „разговорот“ го посвети на пофалби за „храброста“ на Трамп, за време на атентатот на 13 јули во Батлер, Пенсилванија кога куршум го погоди во увото.

Трамп возврати дека има намера да се врати во Батлер на предизборен митинг при крајот на кампањата во октомври. Во продолжение, Трамп ги повтори тврдењата веќе изнесени претходно, како она дека Русија немаше да ја нападне Украина доколку тој останеше на функцијата претседател, тој ги пофали рускиот претседател Владимир Путин, кинескиот претседател Си Џинпинг и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, сите авторитарни владетели, велејќи дека тие се „врвот“.

Исто така, Трамп го изрази својот гнев што актуелната потпретседателка Камала Харис стана демократски кандидат на неодамнешните избори наместо претседателот Џо Бајден, кој ја повлече својата кандидатура велејќи дека се работи за „државен удар“.

„Од почетокот на целата оваа измама, таа не даде ниту едно интервју“, рече Трамп, кој го загуби целото водство во анкетите по промената. Трамп го пофали Маск и за начинот на кој ги отпушта работниците во своите компании.

„Ти си најдобриот секач. Мислам, види што направи. Влегуваш, прашуваш: „Сакате да дадете отказ? Тие штрајкуваат – нема да именувам за која компанија се работи – и тогаш велиш: „Во ред, сите сте бивши“.

Маск се насмеа кога Трамп рече дека „нелегалната имиграција му го спасила животот“. Републиканскиот кандидат рече дека ја свртел главата за да погледне графикон на илегална имиграција за време на митингот на 13 јули, поради што го преживеа обидот за убиство.

Трамп продолжи да ги критикува минатите постапки на својата противкандидатка, тврдејќи дека таа го надгледувала огромниот пораст на илегалните преминувања на границата откако била „задолжена“ за американско-мексиканската граница. Тој се пожали на имигранти кои влегуваат во САД без документи.

Пред самото интервју, Трамп вчера се врати на Икс и испрати неколку пораки, што беше првпат по година дена да ја искористи социјалната мрежа која му беше негов главен извор на комуникација во претходните кампањи како и за време на неговиот мандат во Белата куќа.

Маск го поддржа Трамп и во обвинувањата за изборна измама на последните претседателски избори, а исто така формираше специјална група која финансиски ја поддржува кампањата на Трамп.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ