Вчера Русија ја обвини Украина дека се обидела да го убие Владимир Путин со дронови во текот на ноќта, а на социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како над Кремљ се издигнува мал облак чад.
Кремљ објави дека се работи за „планирана терористичка акција“ и дека во нападот биле користени два дрона, но дека биле онеспособени од руската одбрана. „Путин не е повреден, а нема материјална штета на зградите на Кремљ“, соопшти Кремљ. Украинските власти, вклучително и претседателот Володимир Зеленски, рекоа дека Украина не е одговорна за нападот.
Во својата последна анализа, Институтот за проучување на војната (ИСВ) го разгледал настанот, за кој тврди дека најверојатно бил организиран од Русија и наведува знаци што укажуваат на таа теза.
„Русија веројатно го оркестрирала овој напад во обид да ја приближи војната до руската домашна публика и да постави предуслови за поширока социјална мобилизација. Неколку показатели сугерираат дека нападот бил внатрешно режиран и плански инсцениран“, вели ИСВ.
Тие велат дека Русите ги зајакнале домашните капацитети за противвоздушна одбрана, вклучително и оние во самата Москва, поради што е малку веројатно дека двете беспилотни летала успеале да ги пробијат повеќекратните слоеви на противвоздушната одбрана пред да бидат соборени директно над срцето на Кремљ.
Геолоцирани слики од јануари 2023 година покажуваат дека руските власти распоредуваат системи за воздушна одбрана „Панцир“ во близина на Москва за да создадат кругови противвоздушна одбрана околу градот. Нападот што во тие околности би довел до напад на самиот Кремљ би бил голем срам за Русија, тврди ИСВ.
Брзата, промислена и координирана реакција на Кремљ на инцидентот сугерира дека нападот бил внатрешно подготвен на таков начин што неговите планирани политички ефекти го надминуваат срамот од него. Кремљ веднаш ја обвини Украина за извршување на терористичкиот напад, а руските официјални реакции брзо се согласија со тоа обвинување.
ИСВ тврди дека ќе било големо изненадување ако Украина навистина го извршела нападот.
„Во тој случај, првичниот одговор од Русија би бил помалку организиран бидејќи руските власти би се труделе да создадат промислен наратив и да ги неутрализираат реторичките импликации на јасната непријатност што би ја предизвикал таквиот напад. На други воени понижувања, кои не ги направи сам, Кремљ не одговори промислено и навремено, меѓу другото и падот на Балаклија и Херсон“, велат тие.
Брзата и промислена презентација на официјалниот руски наратив околу нападот сугерира дека Русија го организирала овој инцидент во непосредна близина на празникот Ден на победата 9 Мај, за на својата домашна публика да ѝ ја прикаже војната како егзистенцијално прашање. Кремљ би можел да го искористи овој напад за да го оправда или откажувањето или дополнителното скратување на прославата на 9 Мај.
ИСВ претходно оцени дека Русија користи низа мерки за да ја обликува војната во Украина како егзистенцијална криза и закана за руската домашна публика и да се подготви за поширока социјална мобилизација.