Русија во септември минатата година ги анектираше Доњецката, Херсонската, Луганската и Запорошката област. Киев во моментов жестоко се бори за руските сили да не ја заземат Авдеевка во Доњецк, но Русите со секој ден се поблиску до победа.
Москва ја почна својата офанзива на градот на 10 октомври, што резултираше со некои од најтешките и најкрвавите борби во конфликтот досега. ИСВ се повикува на германскиот весник Билд, кој извести дека Русија „планира да окупира украинска територија покрај четирите припоени украински области во текот на 2024-2026 година“.
Според тој план, Русија сака да ги заземе целосните Доњецка и Луганска област и да напредува до реката Оскол, во Харковската област, до крајот на 2024 година, устакнува Билд повикувајќи се на неодредени разузнавачки информации.
„Руските планови за војната во Украина до 2026 се во согласност со континуираните руски подготовки за долготрајни воени напори. Руската воена команда спроведува долгорочни напори на реструктуирање и ширење за да се формираат стратегиски резерви, а Русија постепено ја мобилизира својата одбранбена индустрија за да одржи долга војна“, смета ИСВ.
Аналитичката група проценува дека плановите кои ги објави Билд се веројатно точни имајќи ја предвид „неодамнешната експанзионистичка политика“ на рускиот претседател Владимир Путин.
„Руските среднорочни до долгорочни планови за окупација на територии надвор од четирите анектирани области исто така се можни имајќи предвид дека руските функционери, вклучувајќи го рускиот претседател Путин, неодамна се вратија на експанзионистичката реторика, а руските сили продолжуваат офанзивни операции за да ги прошират своите позиции во Харковската област“, пишува ИСВ.
„Руските функционери најавија за намера на Русија да окупира и припои дополнителна украинска територија надвор од моменталните фронтовски линии и четирите припоени територии“, се додава. Инаку, според извештајот на Билд, следниот чекор на рускиот план за време на 2025 и 2026 ќе биде преземање на големи делови од Дњепропетровската, Запорошката и Харковската област.