сабота, 27 јули 2024

Институт за судска медицина: За обдукциите на Ѓорчевска и Жежовски се објавуваат само неофицијални информации

Институтот за судска медицина се оградува од сите написи во кои ќе бидат објавени неофицијални информации, а каде што како извор ќе биде наведен Институтот, посочуваат од оваа институција по вчерашните објави во неколку медиуми, кои објавија информација за начинот на кој била убиена 14-годишната Вања Ѓорчевска.

Објавено на

часот

Сподели

„Категорично тврдиме дека нема никаква изјава, ниту информација во усна или писмена форма од Институтот. Само изјава дадена од одговорното лице на Институтот, која е во вид на аудио или видеоснимка или во писмена форма, може да се смета за релевантна и точна и тогаш медиумите може да цитираат дека изворот на информацијата е од Институтот. Додека трае истрагата Институтот за судска медицина се оградува од сите написи во кои ќе бидат објавени неофицијални информации, а каде што како извор на информацијата стои Институтот за судска медицина“, истакнуваат од Институтот.

Оттаму известуваат дека по пронаоѓање на телата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Институтот бил активно вклучен во истрагата, како при увидот на местото на пронаоѓање на телата, така и во вршењето на обдукциите.

„По завршување на обдукциите телата на починатите им беа предадени на семејствата, а Институтот продолжи со понатамошните анализи, кои се спроведуваат по секоја обдукција. Извештаите од обдукциите за починатите беа доставени во Основното јавно обвинителство Скопје на ден 22 декември 2023 година. Од доставувањето на обдукциските наоди, веќе во наредните денови почнаа да се појавуваат информации што се дел од истрагата и што треба да бидат тајни додека трае таа“, велат од Институтот за судска медицина.

Од Институтот напомнуваат дека како судски медицинари, кои се активно вклучени во истрагата за овој сензитивен предмет, се обврзани да го почитуваат Законот за кривична постапка, односно член 289 кој се однесува на тајност на предистражната постапка и кој вели дека „сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се сметаат за тајна“, како и член 299 од истиот Закон, кој се однесува на тајност на истражната постапка и каде ставот 1 вели дека „доколку тоа го бараат интересите на кривичната постапка, потребата да се зачува тајна или да се заштити личниот и семејниот живот на оштетениот или осомничениот, јавниот обвинител ќе му нареди на лицето кое го сослушува, кое присуствува на истражното дејствие или кое ги разгледува списите, да ги чува како тајна определени податоци и ќе го предупреди за последиците од оддавањето на тајната“ и ставот 2 кој вели дека „наредбата од ставот (1) на овој член посебно се внесува во записникот, односно се забележува во списите што се разгледуваат, со своерачен потпис на лицето кое е предупредено за должноста на чување тајна“.

„Ги потсетуваме новинарите дека според Кодексот на новинари тие се должни и мора да ја почитуваат личната болка на семејството, а сите извештаи за судски постапки мора да им бидат ослободени од сензационализам. Воедно новинарите имаат одговорност да известуваат урамнотежено, со сигурни докази потврдени од релевантни извори и секогаш почитувајќи ги личната болка и жалост на најблиските“, потенцираат од Институтот.

Оттаму, напомнуваат дека Институтот за судска медицина продолжува со сите законски предвидени дејства за овој предмет, кои се и ќе бидат дел од доказниот материјал, а кои со јавноста ќе бидат споделени во оној дел во кој тоа го дозволува Законот за кривична постапка.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ