Од прилепскиот Кризен штав велат дека особено треба да се покаже подготвеност зашто поројните дождови проследени со невреме во два наврати предизвикаа одредени поплавувања и целосна активност на противпожарната единица и на јавните комунални претпријатија за расчистување и испумпување на полавените подруми и простории,посебно во прилепските населби Варош и Тризла.
„На состанокот, конкретно, дискутиравме за деновите кога имавме обилни дождови и полави. Разговаравме и со директорите на јавните комунални претпријатија кои веднаш по настанатите ситуации излегоа на терен и дадоа максимален придонес да се отстранат сите наслаги од тиња и смет, особено во речното корито. Посебен акцент се даде на тоа во иднина превентивно да се дејствува и да имаме ажурирање на сета потенцијална физичка сила и на расположливата механизација“, изјави по состанокот прилепскиот градоначалник Борче Јовчески.
А во Делчево пак, екипи на ЈКП „Брегалница“ и на ТППЕ Делчево продолжуваат со интензивните работи за санирање на последиците од невремето коешто го зафати на Делчево на 8 јуни, информираа од општина Делчево.
Меѓу позначајните работи како што напоменаа оттаму се испумпувањето на вода од дворовите и подрумите во колективните и индивидуалните живеалишта.
„Изминативе денови ТППЕ Делчево вршеше испумпување вода од дворовите и подрумските простории во населба „Пролет“, во погоните на АД Фротирка-Компани, Фондот за здравство, на улица „Маршал Тито“, крак од булевар „Македонија, улиците „Рударска“, „Никола Карев“, „Кирил и Методиј“, „Григор Прличев“, „Крушевска“, „Индустриска“ и други објекти. Исто така, се вршеше прочистување на атмосферската и канализациската мрежа и перење на улиците „Маршал Тито“, „Царевоселска“. Интервенциите се вршеа со соодветна опрема и 12 пожарникари“, истакнаа од општината.
Јавното комунално претпријатие „Брегалница“ како што додадоа учествуваше со две градежни машини, 2 трактори, камион и комунални возила.
„И тие интензивно работеа на расчистување на последиците од невремето. Екипите работеа на расчистување на наносите од камења, песок и кал, оспособување на патиштата за непречено одвивање на сообраќајот во населба „Пролет“, булевар „Македонија“, улица „Индустриска“, улица „Царевоселска“, улица „М. Тито“ и локалните патишта во село Габрово и село Полето“, додадоа од општината.
Во интервенцијата опфатени се сите зафатени објекти и улици од невремето, а дополнително екипи од водовод работеа на отстранување на 2 дефекти на водоводни линии, како и на испумпување на водата од поплавени објекти во населба „Пролет“, улица „Царевоселска“, Центар за дијализа и др. објекти.
Во моментот Комисија за процена на штетите на терен врши увид на пријавените штети од граѓани, а досега до општина Делчево се пристигнати 95 пријави за штети од невремето.