Од Иницијативниот одбор велат дека општинските организации од Истокот се заборавени и игнорирани од раководството на ЛДП.
„Општинските организации од Истокот се разочарани од недемократскиот однос и капацитет, притисоците, заканите и манипулациите на раководството на ЛДП. Во партијата веќе нема никаква транспарентност, отчетност и демократичност. Не се почитуваат правото, статутот и не постои легалистички пристап во работата на партијата. Веќе нема ни Л од либерализам. Се гуши правото на сопствено мислење, односно се погазени и уништени сите вредности кои преставуваа карактеристика на ЛДП и претставуваа вредности со кои сите ние како членови се гордеевме“, велат од Иницијативниот одбор.
Оттаму тврдат дека во ЛДП се распуштаат општинските организации кои се спротивставуваат на политиките на неколкумина, кои поради личен интерес ја држат ЛДП во заложништво.
„Се формираат фиктивни општински организации со фингирани собранија без да се информира целокупното членство, се заплашуваат членовите и им се врши притисок да го напуштат Иницијативниот одбор. Но на нивна жал и за среќа на демократијата во ЛДП до денес, ниту една општинска организација од 22 потпишани не се откажува од иницијативата и продолжуваат со своите активности за ослободување на ЛДП од група на луѓе кои ја држат во заложништво целата партија. Уште еднаш апелираме до раководството да се откажат од идеите за предизборни коалиции за локалните избори, да не го манипулираат членството дека веќе имаат некакви договори и итно да започнат со подготовки за самостоен настап на ЛДП. Партијата не е на распродажба и таквиот пазарџиски однос на раководството кое ги гледа само сопствените интереси а не партиските, ЛДП ќе ја однесе на буништето на политичката сцена“, велат од Иницијативниот одбор.
Од одборот велат дека нема да прифатат и да поддржат никаков предизборен договор со било која партија и дека ЛДП мора да се подготвува за самостоен настап на локалните избори што ќе се одржат во 2025 година.