„Денес, на лажни профили и преку пропагандни медиуми, беа објавени видеоснимки со цел да ја поврзат нашата иницијатива ‘Кој е следен?’ со еден онлајн-разговор помеѓу група студенти и девојка од Србија.
Ве известуваме дека нашата иницијатива нема никаква поврзаност со тој повик, ниту сме биле вклучени во какви било разговори за формирање на нови студентски организации. Доволно е да се погледне самата снимка – името ‘Кој е следен?’ не се споменува ниту еднаш, а нашето лого е аматерски и намерно вметнато во аголот на видеото.
Нашата иницијатива е граѓанска и како таква нема намера да се вклучи во студентското организирање, ниту да го инструментализира. Студенти, веруваме во вашата способност да се оградите од партиски и надворешни влијанија.
Овие обиди за оцрнување се уште еден доказ дека политичката елита се плаши од автентичното граѓанско незадоволство. Наместо да одговорат на барањата за правда, одговорност и безбедност, тие се служат со провидни манипулации, лажни вести и медиумски спинови.
Притисоците од лажни профили, пропагандни медиуми, како и од полициски и параполициски структури, само дополнително ќе ја зајакнат нашата волја.
Ние не сме поврзани со ниту една политичка партија, и уште поважно – јавно ги осудуваме сите обиди за партизација на ‘Кој е следен?’. Нашиот револт не е алатка за политички поени, туку повик за достоинствен живот.
Оваа сурова пропаганда нема да не замолчи.
Нема да дозволиме да се угуши секој млад, независен и слободен глас.
Нема да дозволиме елитите да продолжат да не газат!
Денес ние сме мета на манипулации и лажни вести.
Кој е следен?“, се вели во реакцијата на иницијатива „Кој е следен?“.