петок, 25 октомври 2024

Инфлацијата за храната во октомври министерот Бектеши ја процени на под 2 отсто

Министерот за економија Крешник Бектеши синоќа изјави дека инфлацијата во делот за храната за месец октомври ќе биде под 2 отсто. „Според моите првични податоци за месец октомври кои ќе ги објави Државниот завод за статистика следната недела инфлацијата во делот на храната ќе биде под 2%, а вкупната инфлација во државата ќе биде преполовена споредено со претходниот месец и тоа е како резултат на мерките кои ги усвои Владата, посебно Министерството за економија“, рече министерот за економија Крешник Бектеши во интервју за ТВ Сител. 

Објавено на

часот

Сподели

Министерот потенцира дека мерките се носени во постојана комуникација, состаноци со сите засегнати страни од производителите и до дистрибутерите и ланците на супермаркети. Упати порака до сите синџири на супермаркети, по добиените пријави од дистрибутери и производители да не бараат прикривање на одредени давачки.

„Имаме пријави од дистрибутери и производители дека од нив се бара одредени давачки како што се рабат, рекламирање, маркетинг и слично да се прикријат, им порачувам на супермаркетите да не го прават тоа, затоа што го знаат Законот за потрошувачи. Да не се доведеме повторно во ситуација, дел од големите супермаркети да бидат затворени. Но, овој пат тоа нема да трае само пет дена, овој пат ќе трае 30 дена“, рече министерот Бектеши.

Во однос на информациите пласирани од грчки медиуми дека Атина планира да купи дел од МЕПСО, Бектеши негира.

„Никакви разговори не се водени за продажба на МЕПСО на грчката компанија ИПТО, ниту има понуда од грчката компанија до Министерството за економија. Немаме ни интерес да го приватизираме МЕПСО, ни дел од МЕПСО“, рече министерот за економија Крешник Бектеши.

Негирање вчера искажа и премиерот Димитар Ковачевски кој за информациите за продажба на МЕПСО рече дека се „лажни вести пласирани од опозициски медиуми“, но откако новинарите му забележаа дека информациите се објавени во грчки медиуми, тогаш рече дека „тоа се точни информации колку што е точно дека ние ќе го купиме Солунското пристаниште.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ