вторник, 10 декември 2024

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Инфлацијата во Србија – вистински поскапувања и театрални поевтинувања

По традиционалниот септемвриски удар по џебовите на граѓаните кои имаат ученици во домаќинствата, чие опремување повторно предизвика шокови во домашните буџети, на први октомври настапи нов бран поскапувања.

Благодарение на претходна одлука на Владата на Србија, на сила стапија измените и дополнувањата на Законот за акцизи, чијашто последица е 8-процентно зголемување на акцизата за нафтени деривати, тутунски производи и алкохолни пијалаци, како и кафе и течности за полнење електронски цигари.

Редовната промена на цените на горивата во петок овој пат падна на 29 септември, а според зборовите на сопственикот на една бензинска станица Небојша Атанацковиќ, лицата кои работат на пумпите не можеле со сигурност да потврдат дали дел од зголемената акциза веќе е вклучен во цената на дизелот или станува збор за поскапување на суровата нафта. Во секој случај, дизелот во Србија од 29 септември е поскап за три динари – 214 динари (1,82 евра), а бензинот бележи минимално поевтинување од 192 на 191 динар (1,62 евра).

Претседателот на Републиката, Александар Вучиќ, веќе на 3 октомври ја „замоли“ Владата на Србија да ја контролира цената на нафтата, бидејќи „отишла до небото“. Најголем проблем, вели тој, е дизелот бидејќи го користат „автобусите и војската“. Така, цените на горивата останаа непроменети и следниот петок, 6 октомври.

Статистиката наспроти реалноста

Вучиќ и членовите на владата често зборуваат за Србија како лидер на Балканот, таканаречен економски тигар. Републичкиот завод за статистика (РЗС) на почетокот на септември презентираше податоци кои покажуваат дека цените на производите и услугите за лична потрошувачка во август 2023 година, во однос на јули, во просек бележат раст од 0,4 отсто.

Во споредба со август претходната година, цените се зголемени за 11,5 отсто, додека во споредба со декември 2022 година се зголемени во просек за 6,4 отсто. Според процените на Народната банка на Србија, инфлацијата би требало да изнесува осум проценти на крајот на годината. Даница Поповиќ, професорка на Економскиот факултет на Универзитетот во Белград, неодамна предупреди дека според прогнозите на Виенскиот институт за меѓународни економски студии, Србија ќе го дочека крајот на годината со неславен рекорд – највисока инфлација од околу 12 проценти (регионот околу 9 проценти), и за половина помал раст од просекот на Западен Балкан – кај нас е околу 1 отсто, а кај другите околу 2 отсто.

Според неа, вистината за инфлацијата во Србија е едноставна: земјата смее да ја зголемува количината на пари колку што остварува економски раст, сè над тоа прави инфлација, на која потоа се додава и увозната инфлација.

„Дури и увозната инфлација да падне на нула, повторно нема да има спас ако ги зголемувате пензиите, платите, ако исплатувате подароци за младите, старите или за кој било за кого претседателот Вучиќ ќе се разнежни тој ден – а економскиот раст останува низок, како што е сега“, истакнува Поповиќ.

Фискалниот совет предупредува на неселективно трошење

За истово постојано предупредува и Фискалниот совет на Србија, а најновите предупредувања беа дадени при септемвриската презентација на извештајот за работата за 2022 година пред собраниската Комисија за финансии, републички буџет и контрола на трошењето на јавните средства. По тој повод, претседателот на Фискалниот совет Павле Петровиќ ги критикуваше неселективните мерки и субвенции од буџетот.

Како што наведе Петровиќ, постои страв дека инфлацијата до крајот на годината ќе биде осум проценти по новите буџетски субвенции, пред сè еднократна помош од 10.000 динари за деца до 16 години, за што, според министерот за финансии Синиша Мали, се пријавиле околу 1.101.000 деца.

Еднократна исплата на 20.000 динари за пензионерите е планирана за периодот од 25 ноември до 5 декември, случајно пред најавените вонредни избори на 17 декември. Овој вид на помош беше воспоставен пред неколку години и се исплаќаше во нерамномерни временски циклуси, обично пред некои избори или Нова година.

„Овие ненасочени мерки, само во оваа година, кога ќе се собере сè, од земјоделството и пензиите, исплатите за младите, еднократните субвенции за пензионерите, сочинуваат 0,7 проценти од БДП, акцизите кои се зголемуваат за да се плати тоа, сето тоа ќе влијае на инфлацијата и ќе делува во лоша насока“, предупреди Петровиќ, а пренесе Н1.Извор: frontal.rs

Најстарите граѓани, 1,6 милиони на број, добија вонредно зголемување од 5,5 отсто од 1 октомври, а од 1 јануари 2024 година ќе следи ново од 14,6 отсто.

На 1 октомври почнаа да важат Пензионерските картички со кои се обезбедуваат попусти во над 650 стопански субјекти, вклучувајќи и бензински пумпи. Пензионерските картички ги издава Фондот за ПИО.

Трговскиот перформанс на Вучиќ

Кој е вистинскиот стандард на граѓаните ненамерно потврди и самиот Вучиќ кога, на почетокот на септември, во несекојдневен перформанс од зградата на Претседателството на Република Србија, во директно ТВ обраќање, ја започна државната кампања „Подобра цена“. Станува збор за намалување на цената на одреден број артикли – од паризер, преку кафе, тестенини, шампони за бебиња и возрасни, па сè до компири и јогурт.

На 13 септември, медиумите ги посетија продавниците и трговските синџири за да проверат дали навистина поевтиниле најавените 20 производи. Истиот ден, со оглед на тоа што претходните денови на социјалните мрежи се појавија многу мимови на сметка на неговата најава, а паризерот со денови беше главна вест, Вучиќ позираше пред камерите со министрите Синиша Мали и Томислав Момировиќ во Претседателството, покажувајќи како се јаде сендвич со паризер. На крајот, снимката беше таква што не се виде дали Вучиќ го изел својот паризер. Ова предизвика нова канонада од незадоволство и потсмев, дури и се појави играта „Јади паризер“.

Тогаш претседателот на Србија гостуваше во ТВ Пинк, каде, од корпа од супермаркет ги извади дополнителните производи кои ќе бидат поевтини, вкупно 36.

После тоа, просветните работници го завршија својот протест пред зградата на Владата со закачување половина паризер на влезната врата. Веројатно за да покажат дека не можат да си дозволат дури ни цело црево по пониска цена.

Вооружениот конфликт во Бањска значително ја влоши ситуацијата во Србија, па приказната за паризерот, која од предизборна економска идеја се претвори во целосно фијаско, едноставно згасна.

Што е со платите?

Вучиќ, гостувајќи во споменатиот „Хит-твит“, најави и дека просечната плата во Србија во декември годинава ќе изнесува 840 евра, а во истиот месец догодина – 960 евра.

Републичкиот завод за статистика кратко потоа објави дека во јули просечната заработка без даноци и придонеси (нето) изнесува 83.781 динар (околу 715 евра), а бруто износот е 115.664 динари (987 евра). Медијалната нето заработка за јули 2023 година изнесува 64.734 динари (552 евра), што значи дека половина од вработените оствариле заработка до наведениот износ, додаваат од РЖС.

Истиот тој месец, јули 2023 година, во регионот се евидентирани следниве просечни (нето) плати:

  • Северна Македонија – 36.286 денари (590 евра)
  • Босна и Херцеговина – 1.262 KM (645 евра)
  • Црна Гора – 797 евра
  • Хрватска – 1.141 евра

Без „братска“ цена за енергенси

И покрај тоа што Русија е сопственик на нафтената индустрија на Србија и Србија е единствената во Европа која не воведе санкции, горивото и гасот не се поевтини во споредба со регионот. Директорот на „Србијагас“ Душан Бајатовиќ го најави поскапувањето на бензинот од 1 ноември, тешејќи ги потрошувачите дека „поскапувањето нема да надмине 10 проценти“.

Потоа, топланите побараа повисоки цени на парното од пет до 30 отсто. Директорот на Здружението на топлани на Србија, Дејан Стојановиќ за РТС изјави дека нема сите топлани да бараат поскапување на парното, а дека во 22 локални самоуправи цената е зголемена, пред сè поради поскапувањето на набавните цени на гасот и мазутот.

За кратко следуваше нов ладен туш: струјата поскапува за 9,28 отсто од 1 ноември.

Евтин државен леб до крајот на годината

Во морето од лоши работи, на 5 октомври најсиромашните добија информација од Здружението на пекари на Србија дека лебот „сава“ со сигурност нема да поскапи до крајот на годината. Лебот „сава“ е најевтиниот основен вид леб, векна со тежина од 500 грама. Претседателот на Здружението на пекари на Србија, Зоран Пралица, за Бета потврди дека пекарите имаат 45 видови трошоци, а меѓу нив го нагласи и зголемување на платите за вработените – продавачите наместо доскорешните 35.000 – 40.000 динари, сега добиваат 70.000 динари (598 евра), а пекарите од 120.000 до 180.000 со ноќна работа (од 1.024 до 1.536 евра).

Накратко, граѓаните на економскиот тигар до крајот на годината поскапо ќе се греат, поскапо ќе се возат, ќе плаќаат поскапи струја, алкохол како и стоки за широка потрошувачка. За утеха остануваат „36-те величествени“ производи на Вучиќ со намалени цени.

                                                                                                                                        Далибор Ступар

Текстот е објавен како дел од иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Косово (Sbunker), Србија (Autonomija), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Албанија (Exit News), и Црна Гора (PCNEN), во рамки на проектот „Користи факти“ кој се реализира од ИКС, со поддршка на Британската амбасада во Скопје.

КОЛУМНИ

Светлана Јовановска

Иновации или играње со европските закони

Ристо Цицонков

Околу новата стратегија за енергетски развој на Македонија

Славој Жижек

Дали Украина треба да има нуклеарно оружје?

Александар Стојановски

Регистар за двојни стандарди

Рајко Пеколски

Надворешни работи

Ристо Цицонков

Има поефикасни решенија за аерозагадувањето

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ