петок, 26 јули 2024

Индискиот премиер отвори хиндуистички храм, изграден на место на урната џамија (ВИДЕО)

Индискиот премиер Нарендра Моди денеска го предводеше осветувањето на големиот храм на хиндуистичкото божеството Рама на локација за која се верува дека е неговото родно место, а каде некогаш постоела џамија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Претставен како хиндуистичко будење од вековното потчинување под муслиманите и колонијалните сили, овој историски настан за хиндуистичкото мнозинството во Индија се смета и како увертира во кампањата на Моди за изборите најдоцна во мај во кои ќе бара ретко виден трет мандат во земјата.

„Натприродниот момент на осветување ги остава сите преплавени со емоции“, напиша индискиот премиер на платформата Икс непосредно пред почетокот на церемонијата.

„За мене е голема чест да бидам дел од оваа света програма“.

Моди пееше хиндуистички песни пред да постави цветни ливчиња пред статуата на божеството и да ги спои рацете во молитва. Потоа го запали светиот пламен додека надвор воен хеликоптер го опсипуваше храмот со цветни ливчиња.

Статуата од црн камен, висока 130 сантиметри, беше посветена во придружба на традиционалната индиска музика, а целиот настан беше следен од милиони низ Индија додека илјадници танцуваа.

„Ова е момент на голема гордост за сите хиндуисти“, рече Меварам Праџапати, кој пристигна на церемонијата од западната држава Гуџарат.

Храмот е 35-годишно ветување на националистичката партија на Моди, Бхаратија Џаната (БЈП), но со години се сметаше за спорно прашање, бидејќи неговата локација со децении беше присвојувана и од хиндусите и од малцинските муслимани.

Ова е причината зошто во 1992 година избувнаа протести низ целата земја, при што загинаа две илјади луѓе, главно муслимани, откако хиндусите ја уништија џамијата од 16 век што стоеше таму.

Хиндусите веруваат дека тоа е местото на раѓање на Рама и дека тоа било нивно светилиште долго пред Могулите да го уништат и да изградат џамија во 1528 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ