недела, 3 март 2024

Индекс на транспарентност: Партиите не кажуваат кои се нивни вработени

Многу добра активна транспарентност за прв пат постигнале партиите СДСМ, Левица и Алијанса на Албанците, покажаа резултатите добиени од Индексот на транспарентност (2023) на политичките партии на Меѓународниот републикански институт (ИРИ).

Објавено на

часот

Сподели

Резултатите покажуваат дека има значително подобрување кај активната транспарентност на политичките партии, споредено со мерењето за Индексот на транспарентност (2021), иако сè уште ниту една партија нема постигнато „одлична активна транспарентност“ или помеѓу 97 и максимални 120 поени.

д

„Значителни 38 отсто од набљудуваните политички партии, освоиле помеѓу 49 и 72 поена и со тоа припаѓаат во категоријата на партии со „добра активна транспарентност“. Пет политички партии освоиле помеѓу 25 и 48 поени, што значи припаѓаат во категоријата на партии со „задоволителна активна транспарентност“. Трите политички партии Српска странка, БЕСА и Социјалистичката партија, кои се вклучени во примерокот, спаѓаат во последната категорија на партии со „незадоволителна активна транспарентност“, наведено е во извештајот.

ј

Ниту една партија нема објавено целосен список на вработени. Четири политички партии (СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Алтернатива) ги имаат целосно објавено контактите од општинските комитети. 72 отсто (13) од анализираните партии немаат објавено контакт-информации од општинските комитети. Ниту една партија нема објавено листа на членови на највисокиот колективен орган. Само три партии ги имаат објавено сите членови на највисокото извршно колективно тело според Статутот и нивните биографии, и тоа ДС, Левица и СДСМ.

„Ниту една партија нема објавено целосни информации за партиските комисии, што вклучува листа на партиски комисии, информација за претседател, членови и контакт-информации за комисијата“, наведено е во извештајот.

Годишни извештаи за спроведување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер имаат објавено 8 партии: СДСМ, Левица, Демократски сојуз, Алијанса за Албанците, Алтернатива, НСДП, ДПТМ и Партија на пензионерите. Четири од мониторираните (22 отсто) меѓу кои се: СДСМ, ДУИ, Алтернатива и Демократска партија на Турците, имаат воспоставено листа на информации од јавен карактер во вид на каталог.

Половина од политичките партии во 2023 година ги имаат објавено регистрите на донации и тоа сите со кои располагаат од последните три години (2020, 2021, 2022).

Многу ретко и нецелосно партиите ги објавуваат на својата веб-страница ревизорските извештаи од Државниот завод за ревизија за нивното работење. Само ДУИ и Алијанса за Албанците добиле највисок број можни поени при оценувањето на овој индикатор, бидејќи објавиле од 75 до 100 отсто од оние ревизорски извештаи кои се објавени на веб-страницата на ДЗР.

Во делот кој се однесува на препораките е наведено дека политичките партии треба да ја зголемат транспарентноста во однос на сопственото лидерство и партиските структури со објавување на информации за структурата, надлежностите, членовите и нивните биографии и контакти.

„Политичките партии треба да го зголемат обемот на информации кои се однесуваат на нивното програмско работење преку редовно објавување на партиските и изборните програми и програмските определби. Политичките партии, особено, треба да ја унапредат транспарентноста со објавување на сите финансиски документи за своето работење (финансиски извештаи, завршни сметки, извештаи и регистри за донации) групирани и по години и изборни циклуси, ревизорски извештаи, извештаи за спроведување на Законот за пристап до информации од јавен карактер“, наведено е во извештајот.

Во рамки на Индексот беа набљудувани веб-страниците на партиите од парламентарниот состав 2020-2024, во периодот 1-31 октомври 2023 година. Прашањата на Индексот биле структурирани во 4 категории: основни информации за партијата; пристап до информации од јавен карактер; финансиска транспарентност и комуникација или отвореност со/кон членството и граѓаните.

                                                                                                                                                                  Мета

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ