Украина негира вмешаност во акцијата, а најгласен беше претседателот Зеленски, кој ја обвини Москва дека ја користи Украина за секоја криза во земјата.
Зеленски објави видеоизјава во која ги отфрла тврдењата на Владимир Путин дека земјата имала вмешаност во неодамнешниот масакр на концертот во Москва.
И покрај тоа што ИСИС ја презеде одговорноста за нападот, Кремљ сепак најде начин да го впери прстот кон Украина, рече Зеленски.
„Наместо да се грижи за своите руски граѓани и да им се обрати, овој апсолутно мизерен Путин цел ден молчеше, размислувајќи како да го поврзе ова со Украина“, им рече тој на следбениците.
„Оние стотици илјади Руси што сега убиваат на украинска територија сигурно ќе беа доволни за да запрат какви било терористи. А ако Русите се спремни молкум да умираат во Крокус холови, и да не поставуваат прашања до своите безбедносни и разузнавачки агенции, тогаш Путин ќе се обиде да ја сврти ваквата ситуација повторно во своја корист. Терористите секогаш мора да губат. Му се заблагодарувам на секого што вистински го брани животот“, порача Зеленски, пренесе британски Индипендент.
Што се знае досега?
Откако ја извршиле акцијата, терористите побегнале со автомобил. На надзорните камери се појавува автомобилот, кој, според официјалните извештаи, бил запрен во Брјанскиот регион. Ова покажува дека е поверојатно дека терористите бегале во правец на Белорусија, а не на Украина. Покрај тоа, белоруските безбедносни сили помогнаа во фаќањето на терористите. Автомобилот со осомничените терористи е фатен во селото Теплиј, кое се наоѓа на 43 километри од Белорусија и на 120 километри од Украина.
Според достапните информации, осомничените терористи се државјани на Таџикистан, а фотографиите од нивните документи набрзо почнаа да кружат по каналите на Телеграм. За ова прашање се огласи и официјален Таџикистан, кој тврди дека Москва сѐ уште не контактирала со нив, ниту потврдила дека се државјани на Таџикистан.
Верзијата на ФСБ
ФСБ тврди дека терористите имале намера да ја преминат границата со Украина и дека имале контакти на украинска страна. И покрај тоа што во соопштението не се прецизира за какви контакти станува збор, таа верзија стана официјална. Исто така, по првите вести за нападот на каналите на Телеграм почна да кружи вест од почетокот на март во која САД ги предупредуваат граѓаните на Москва за можни терористички напади, особено на местата каде што се одржуваат концерти.
Од тие предупредувања се заклучува дека западните амбасади знаеле за овој терористички напад и дека Западот некако бил вмешан во него. Но има и видео во кое претседателот Путин неколку дена пред терористичкиот напад вели дека најавите на Западот за терористичкиот напад служат само за дестабилизација на Русија.
Рускиот олигарх Малофејев посебно се позанимава со темата „вмешаност на Украина“, вели Индекс. Малофеев важи за претставник на радикалното крило на кругот на Путин. Тој ја спореди оваа ситуација со војната во Чеченија на крајот на деведесеттите и повика на употреба на сите „сили и средства“ за напад врз Украина.
Во основа, „украинската трага“ стана официјална и главна верзија на овој напад во рускиот медиумски простор, а сценаријата се движат од тоа дека украинските служби ја организирале акцијата до украинска соработка со ИСИС.
Одговорноста ја презеде ИСИС
Многу брзо по ширењето на веста за терористичкиот напад, се појавија информации дека ИСИС ја презеде одговорноста за нападот. Си-ен-ен објави податоци според кои од ноември доаѓале информации дека ИСИС има намера да организира ваква акција. Се работи за разгранок на ИСИС, кој се нарекува ИСИС-Х (по провинцијата Хорасан), а дејствува во Авганистан и околните земји, како што е гореспоменатиот Таџикистан.
Њујорк тајмс пишува дека во последните две години ИСИС-Х е „фиксирана за Русија“ и дека често го критикува Путин во своите публикации. ИСИС-Х го обвинува Кремљ дека има „муслиманска крв на рацете“, наведувајќи ги интервенциите во Авганистан, Сирија и Чеченија.
Други медиуми објавија дека САД ѝ дале на Русија разузнавачки информации за потенцијален напад. Руските медиуми потврдија дека им биле пренесени предупредувања, но дека не содржеле конкретни информации.
Украина негира вмешаност
Киев вели дека терористичкиот напад бил организиран од самиот Кремљ со цел да се оправда ескалацијата на војната во Украина. Во официјалното соопштение на ГУР се вели дека непреченото движење на групата вооружени луѓе во близина на Москва е главниот доказ дека руските служби се вклучени во оваа акција.
Во соопштението за медиумите се зборува за гореспоменатите предупредувања од западните амбасади за терористички напад. Официјален Киев вели дека разузнавачките податоци сугерираат дека Кремљ би можел да го искористи терористичкиот напад за дополнително ескалирање на конфликтот во Украина.
Последиците
Вистинските последици од овој терористички напад сè уште ни оддалеку не се познати, но тој сигурно ќе влијае на војната. Официјалната верзија во Русија ги поврзува напаѓачите со Украина, па Москва мора да реагира без разлика кој навистина стои зад нападот.
Доколку Кремљ навистина имал намера да објави нов бран на мобилизација по изборите, за кој долго време се шпекулира, терористичкиот напад и неодамнешното гранатирање на Белгород би можеле да послужат како оправдување за таквиот чекор.
Во секој случај, терористичкиот напад може да го натера рускиот врв да покрене мобилизација под притисок на јавноста, вели Индекс. Но прашањето за мобилизација не зависи само од подготвеноста на руското општество за ова. Многу повеќе зависи од способноста на војската и државниот апарат да спроведат такво нешто.
Мобилизираните треба да бидат обучени, вооружени, хранети, платени итн. Дополнително, мобилизираните луѓе треба да се заменат на работните места што моментално ги работат, што повторно веројатно значи увоз на работна сила од Централна Азија и од Далечниот Исток и сето тоа влијае на стабилноста и безбедноста на државата. Освен тоа, јавноста за ваков напад очекува инстантен одговор од руските власти. Мобилизацијата не е тоа, тоа е механизам што се подготвува и спроведува со месеци.
Има и поекстремни најави дека Русија би можела да нареди атентат на украинскиот претседател и други високи функционери. Обвинувајќи го Киев, Кремљ може да испрати сигнал за подготвеност за нови, поекстремни чекори поврзани со војната во Украина. Засега нема знаци за такво нешто. Но неопходно е да се повтори – шокот од терористичкиот напад е премногу силен за да остане без последици.