сабота, 27 јули 2024
Изјава на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ

Има предатори, нема да ги иритираме соседите, но своето не го даваме, туѓото не го сакаме, рече Мицкоски

Идниот мандатар и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најави водење принципиелна политика со соседите. Во идната Влада, коалицијата Твоја Македонија ќе се залага за принципот „своето не го даваме, туѓото не го сакаме“. Има предатори, нема да коленичиме, мора да водиме мудра политика, само така ќе опстанеме, ќе го чуваме достоинството, нема да правиме избрзани чекори, макар оделе милиметар по милиметар, рече меѓу другото Мицкоски во Разловци, на чествувањето на Разловечкото востание.

Фото: Фесјбук

Објавено на

часот

Сподели

„Против природата не можеме, како народ сме еден од најмалкубројните во Европа. Организацијата која што има чест и привилегија да ги брани интересите на еден од најмалкуројните народи во Европа – македонскиот народ, треба да е мудра. Не треба да правиме избрзани чекори кои што може да не чинат многу. Подобро да се придвижуваме за милиметар, но тој чекор да биде цврст. Мора да сме трпеливи, мора да сме попаметни, тројно попаметни од сите и помудри, затоа што само така можеме да опстанеме во круг на многу предатори кои што верувајте не сакаат да ја видат Македонија успешна, не сакаат да ја видат Македонија просперитетна, среќна, Македонија полна со граѓани кои што се задоволни. Тоа го видовте уште во првите денови кога ние не бевме уште доразбудени од оној историски резултат на 8 мај, а веќе почнаа страстите да се вжештуваат, но не само наоколу, туку и дома“, рече Мицкоски.

Како идна Влада, додаде, победничката коалиција е подготвена сите тие предизвици да ги совлада, како што рече, трпеливо и со паметна политика која ќе се води со соседите.

„Повикуваме на градење мостови, ги повикуваме сите на заедничка соработка во рамките на овој наш преубав Балкан. Што се однесува до меѓународната политика, нема никогаш да не видите како коленичиме, како се вовлекуваме или како се понижуваме самите себе. Имав можност изминативе години да среќавам светски авторитети од Вашингтон преку Брисел и Берлин и останатите светски важни главни градови. Ништо повеќе за мене не е инспиративно отколку овој преубав македонски народ и ова преубава наша македонска држава, така што, ќе имаме и кон нив една политика која што ќе се темели на аргументи, бидејќи никогаш не се плашиме да ги вкрстиме нашите аргументи со аргументите на нашите соговорници“, додаде Мицкоски.

Мицкоски отфрли какво било беспотребно иритирање кон соседите, напоменувајќи дека сепак треба да се почитува елементарното човеково право кое е загарантирано.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ