Маричиќ нагласи дека проектот за коридотор 8 е најважниот инфраструктурен проект на оваа Влада и оти сите вложуваат максимални напори тој да успее.
„Тоа што Владата одлучи вицепремиерот Артан Груби да биде координатор на активностите поврзани со Коридорот 8 значи дека има потреба од посилна координација затоа што има надлежности коишто припаѓаат на Министерството за транспорт и врски, тие се бројни и тие никој не му ги одзема. Напротив, ќе ги спроведува Министерството за транспорт и врски. Но, исто така, има многу процедури и акции коишто треба да се преземат во однос на меѓусебна комуникација на институциите, дозволи, процес на експропријација. Навистина има многу работа во тој проект и затоа еден од вицепремиерите е задолжен да го следи спроведувањето и да биде еден вид на надзор и поддршка на тој процес и тоа не е првпат и тоа не е ништо чудно“, рече Маричиќ на прес-конференцијата со српската министерка за евроинтеграции.
За Владата, како што уште еднаш нагласи, ова е најважниот инфраструктурен проект којшто треба да исполни еден европски коридор од Јадранското Море па до Црното Море.
„Затоа мислам дека е екстремно важно сите членови на Владата од свој аспект да бидат вклучени во овој проект. Ниту еден член не треба да биде чудно, кој било член на Владата да се вклучи дополнително со екстра напор во спроведување на овој проект“, рече Маричиќ.