сабота, 27 јули 2024
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Има нешто во воздухот…

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

Модерната демократија повеќе не се цени според тоа колку права имаат луѓето, туку колку права имаат животните. Но граѓаните на Апсурдистан можат навистина да бидат горди, затоа што поставија нови стандарди во демократијата. Имено во Апсурдистан животните и растенијата беа ценети толку многу, што ним им беше препуштено владеењето над сите граѓани на Апсурдистан.

Еве, да почнеме од самиот премиер. Премиерот на Апсурдистан беше зајак. Ниту едно животно или растение не смееше да ја оспори далековидата мудрост на зајакот, надарен со долги скокови и џиновски уши кои единствено беа способни да проникнат во скриената мудрост на западниот ветер (според која тој всушност беше северен) и да ја разгатнат за жителите на Апсурдистан. Со смели скокови во место, зајакот го движеше Апсурдистан кон својата светла иднина во демократската елита. Во име на светлата иднина зајакот најпрвин му ги скрати зраците на сонцето, а потоа и му забрани да свети. Зашто кој не знае дека сонцето најсилно свети кога не свети?

Со Министерството за правда раководеа свињите. Нивното гровтање ги фрлаше во сенка сите достигања на схоластичката теологија.

Министерството за финансии и економија им беше препуштено на овците, зашто тие најмногу знаеја за стрижењето.

Министерството за внатрешни работи традиционално им беше препуштено на кучињата. Со надворешни работи раководеа ноевите, познати по нивниот грациозен и софистициран дипломатски метод: „пикање на главата во земја“.

Со Министерството за образование и наука раководеа мајмуните, кои беа најнапредни меѓу животните во науката.

Министерството за култура им припадна на бубашвабите, како докажани претставници на урбаниот културен андерграунд.

Во Министерството за екологија, пак, сите беа тикви.

Во Министерството за информатичко општество беспрекорно зуеја терабајти муви.

Авторитативното кокодакање на кокошките од Министерството за одбрана го правеше Апсурдистан важна алка во синџирот на меѓународната одбрана.

Јавната администрација, пак, столбот на секоја ефикасна држава, се состоеше главно од говеда и магариња. И секако, неизбежните ќутуци: правичната застапеност на растенијата мораше да се запази! И понекоја дудинка, заради родова еднаквост.

И сѐ ќе беше добро во владението на мудриот зајак, ако растенијата не се кренеа на бунт. Имено, сметајќи дека се неправично застапени во владата на Апсурдистан, растенијата кренаа сеопшта борба за растителни права. На тоа, зајакот најпрвин по итна постапка ги разреши тиквите од Министерството за екологија и ги замени со кленови. Веднаш потоа, зајакот енергично одговори со транспарентно јадење моркови и зелки, свињите од Министерството за правда експресно ги прогласија триците за терористи и ги слапаа според словото на законот, воловите, магарињата и овците така ѝ спискаа на тревата, што оваа, кутрата, одма прежолте од страв, мајмуните непобитно докажаа дека јужното овошје предводено од бананите е всушност источна пропаганда, кокошките ги изведоа тенковите на улиците против јачменот и пченицата…

Но дури и далековидиот зајак не можеше да го предвиди следниот чекор на демократијата, кој, ете, по волјата на Провидението, повторно се случи во Апурдистан. Имено, граѓанинот Шљупков, разочаран од маргинализацијата и обесправеноста на вирус-заедницата среде убиствената војна меѓу растенијата и животните, реши да се престори во вирус и да се бори за еманципација на микроорганизмите. И така првиот микродисидент беше роден.

Меѓутоа, беше толку незабележителен, што човек мораше да го бара со микроскоп…

(Едно утро меѓу 5.30 и 6.30 часот инспририрано од неможноста за респирација поради мистериозно смрдениот скопски воздух…)

 

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Тoплински острови во градовите

Дарко Митревски

Да не се лажеме

Стефан Вељановски

Зошто треба да инвестираме повеќе во жените од руралните подрачја?

Бојан Блажевски

Чечичен молк: Долг е патот до автопат

Наташа Јаневска

Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за...

Шанг-Јин Веи

Дaли атентатот ќе му донесе победа на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ