сабота, 27 јули 2024

Има ли Самоопределување паналбански амбиции?

Движењето Самоопределување не е регистрирано како субјект во Македонија и не бара таму власт, велат лидерите на оваа партија за Радио слободна Европа (РСЕ).

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Меѓутоа, тие признаваат дека партијата што ја води косовскиот премиер Аљбин Курти соработува со одделни партии во Македонија и дека нејзините членови со македонско државјанство ќе учествуваат во тамошните парламентарни избори на 8 мај оваа година.

Ангажманот на претставници на движењето Самоопределување во предизборната трка во соседната држава предизвика одредени реакции.

Упатените во политичките случувања во двете земји велат дека постои ризик потезите на партијата што ја држи власта на Косово да бидат сфатени како мешање во внатрешните работи на Македонија, додека самиот Курти уверуваше дека Самоопределување како партија нема да учествува на тие избори.

„Прво, тука (во Македонија) зависи од граѓаните, од политичките партии дали ќе имаат кандидат и кој ќе биде тој или таа. Движењето Самоопределување не е службено регистрирано во Македонија… Значи, ние како движење Самоопределување не учествуваме тука“, рече Курти по конференцијата за Западен Балкан во Скопје на 22 јануари.

Како почна?

На крајот на декември минатата година трите опозициски албански партии во Македонија – движењата Беса, Алтернатива и Демократското движење – објавија заедничка изборна листа за изборите на 8 мај.

Беким Чоку од движењето Самоопределување, кој има и македонско државјанство, рече дека неговата партија ќе ѝ се придружи на оваа листа.

„Денеска сум тука да ја почнам нашата соработка како движење Самоопределување… еден вид четврти столб на оваа коалиција, која веќе е создадена овде“, кажа Чоку, кој е и политички советник на премиерот Курти.

Премиерот на Македонија Димитар Ковачевски, воедно и претседател на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), изненаден е од ваквиот ангажман на Самоопределување во врска со изборите во неговата држава.

„Мислам дека ова не ја претставува посакуваната динамика“, рече Ковачевски на 25 декември.

Уште една реакција на 17 јануари изнесе министерот за надворешни работи на Македонија Бујар Османи, велејќи дека „вклучувањето на службената политика на Косово во политичката сцена на Албанците во Македонија може да се одрази на фрагментација на албанската политика – тенденција поттикната од надворешни фактори“.

И покрај сите напори, РСЕ не успеала да стапи во контакт со Чоку за да дознаат повеќе за неговите намери.

Но, Самоопределување вели дека изјавите на своите претставници – воедно и официјални лица на владата во Косово – не ги гледа како мешање во внатрешните работи на Македонија.

Оваа партија инсистира на тоа дека Самоопределување нема да учествува како политички субјект на тамошните избори и дека не е регистрирано како партија во оваа земја.

Прашан да ги прокоментира изјавите на членот на Движењето Самоопределување Беким Чоку, портпаролот на оваа партија Арлинд Манџука кажа за РСЕ:

„Движењето Самоопределување има симпатизери и членови од албанска националност, но и од други националности, кои се државјани на разни држави, во многу земји во светот, и тие дефинитивно имаат политички права според законот во земјите чиишто се државјани.“

Манџука вели дека поддршката на Самоопределување на приврзаниците или на политичарите од разни земји е „исклучиво поддршка на нивните идеи и програми, според трите столба: социјалдемократијата, борбата против мафијашката корупција и борбата против етничката дискриминација на Албанците, како и на другите етнички групи“.

Како гледаат на тоа анкетираните граѓани на Скопје?

Аналитичарот Берат Азизи оценува дека симпатиите на албанските граѓани на Македонија спрема движењето Самоопределување се „големи“.

„Но тоа не значи дека Самоопределување тука ќе биде иста како во Косово“, вели тој.

За адвокатот Лејла Небиу Самоопределување во Косово даде добар пример како може да се управува држава „каде што законот и неговото владеење се главни принципи“.

„Да се повтори ова искуство, овие искуства, во Македонија е повеќе од потребно. Но тоа треба да се направи со луѓе што им се посветени на овие принципи“, вели Небиу за РСЕ.

Дали се меша Самоопределување во внатрешните работи на соседите?

Белгзим Камбери од Институтот за социјални политики „Мусине Коколари“ во Приштина вели дека во меѓународната арена на партии идеолошката политичка ориентација на Движењето Самоопределување, во принцип, го прави природен партнер со СДСМ, во рамките на Прогресивната алијанса и Социјалистичката интернационала.

Според неговите зборови, Движењето Самоопределување „балансира меѓу концептот на социјалдемократското движење и суверенистичката левица“.

Од друга страна, трите албански опозициски партии во Македонија, кои ќе се натпреваруваат на изборите како коалиција Европско движење за промени, имаат десна идеолошка насоченост.

Камбери вели дека создавањето на сојузот на Самоопределување со овие албански партии покажува дека партијата на премиерот Курти одбра повеќе национален аспект на дејствување отколку идеолошки. Во тој контекст, вели Камбери, ова може да создаде парадоксални ефекти на политичката сцена на Македонија, каде што албанските и македонските партии со националистичка ориентација ќе соработуваат во борбата за власт.

Евентуалниот ангажман на членовите на Самоопределување на изборите во Македонија, според неговите зборови, би можел да влијае врз меѓународните односи.

„Не е битно дали е регистрирано или не е. Кога официјално лице на движењето Самоопределување директно ќе учествува на изборите, реакцијата нема да биде иста како да учествувал автономен кандидат. Значи, учествува кандидат на владејачката партија (во Косово) во друга држава. Тоа би значело, значи, дека (оваа партија) ги легитимира истите методи и за други земји“, вели Камбери за РСЕ.

Но Петар Арсовски, специјалист за политички прашања во Македонија, мисли поинаку.

Според неговите зборови, соработката на партии во Македонија со партии или организации во странство не е новост, ниту треба да се плашиме од неа.

„Ова не би требало премногу нас да нè загрижува… Мора да ги погледнеме законските одредби и владеењето на правото за тоа кој може да се кандидира и дали каква било соработка со надворешни страни влијае или дали тоа претставува мешање во нашата внатрешна политика. Ако овие два услови се исполнети, тогаш секој може слободно да се натпреварува на изборите, што всушност е и загарантирано право со уставот“, вели Арсовски за РСЕ.

За аналитичарот од Скопје Џелал Незири, партнерството на албанските политички партии во Македонија со партиите од Косово и од Албанија е вообичаено во смисла на добивање логистичка и медиумска поддршка.

Но, според неговите зборови, досега не се има случено партии од странство да бидат директно вклучени во кој било изборен натпревар во Македонија. Тој искажува сомневање дека во иднина оваа ситуација би можела да отиде и чекор понатаму – кон регистрација на оваа партија во Македонија.

„Ако се случи Самоопределување да биде основано во Македонија и како такво да се натпреварува тука, а всушност го контролира и го режира господинот Курти, кој во моментов е премиер на Косово, во тој случај би имале опасен преседан во регионот. Тоа, значи, би ѝ го отворило патот особено на српската политика, да го формализира и да го официјализира своето влијание во политиката на Црна Гора, во политиката на Косово, во политиката на Босна и Херцеговина, но и во политиката на Македонија“, вели Незири.

Успех во Прешевска Долина и неуспех во Албанија

За парламентарните избори во Србија, кои се одржани на 17 декември 2023 година, движењето Самоопределување и неговиот лидер Курти го поддржаа Шаип Камбери од Партијата за демократско дејствување. Тој е единствениот албански политичар од Прешевска Долина, на југот на Србија, кој освои мандат на народен пратеник.

Белгзим Камбери смета дека Курти и неговата партија го проширија своето влијание врз партијата на Шаип Камбери.

Поранешната градоначалничка на Прешево Ардита Синани од Партијата за демократско дејствување во моментов е советничка на Курти. Во меѓувреме, потпретседателот на оваа партија Рагми Мустафи е политички советник на заменикот на Курти Бесник Бислими.

Белгзим Камбери вели дека ниту во Прешевска Долина ниту во Македонија партнерите што ги избрало Движењето Самоопределување, односно неговиот лидер, немаат премногу компатибилност на идеолошките и политичките концепти. Според неговите зборови, „апетитите“ на Самоопределување имаат повеќе врска со „сеопфатниот национален концепт на регионално ниво“.

„Тука, како прво, сме во таква паналбанска логика. Значи, тука ја надминува националната држава и се обидува да ја шири идејата на албанството во регионот“, вели Камбери.

„Изгледа дека тој првин се обидува да влијае врз одредени албански политички актери во регионот. Значи, било да е тоа во Прешевска Долина да има свои луѓе таму да ја преземаат власта, било да е во Република Македонија, каде што изгледа дека сака да има свои блиски луѓе во владата на Македонија“, додава тој.

Меѓутоа, во Албанија Самоопределување стапи на политичката сцена во 2019 година, кога во судот во Тирана е регистриран не како политичка партија, туку како центар. Тогаш е кажано дека “Центарот на движењето Самоопределување е основан за да се зголеми свеста и посветеноста кон албанското национално прашање“.

Во 2021 година Самоопределување излезе на локалните избори на 25 април, но не како политички субјект. Неговите кандидати се натпреваруваа како независни во три општини во Албанија: Тирана, Лежа и Ѓирокастра.

Дел од предизборната кампања стана и премиерот на Косово Аљбин Курти. Тој во своите говори во овие три града побара поддршка за „новите алтернативи“, истакнувајќи дека бројките, практиките и идеите консумирани 30 години не можат да произведат ништо ново за граѓаните на Албанија.

На состаноците го придружуваа Курти и други албански политичари од Македонија, Прешевска Долина или од Црна Гора.

Но, на изборите Самоопределување доби само 3.541 глас од околу 1.660.000 колку што влегоа во гласачките кутии во Албанија.

Специјалистот за политички прашања од Тирана Бен Андони вели за РСЕ дека овој потег не е добро примен во Социјалистичката партија на премиерот на Албанија Еди Рама. Според неговите зборови, „картата“ на патриотизмот не му создаде поддршка на движењето Самоопределување на изборите.

Актуелното дејствување на Самоопределување, со ангажман на негови претставници на изборите во Македонија, вели Андони, покажува дека интересот на оваа партија е ширење на албанските простори.

„Протагонизмот на Курти и на луѓето што сакаат да го следат изгледа дека не може да ги држи само Косово туку ја сакаат и политичката сцена на Албанија и на Македонија. Во меѓувреме, со ова Самоопределување често го свртуваше вниманието од мошне големите економски и општествени проблеми на земјата, кои не се малку“, вели Андони.

По лошиот резултат на локалните избори во 2021 година, движењето Самоопределување во Албанија речиси згасна, иако лидерите кои поднесоа оставки зборуваа за негова реорганизација.

Обидот на Курти за „големо влијание“

Меѓутоа, во Македонија веќе постојат мислења дека двете соседни престолнини – Тирана и Приштина – патерналистички дејствуваат спрема албанската политика.

Петар Арсовски од Скопје вели дека службена Тирана и порано се обидуваше да влијае врз албанските партии.

„На оваа линија беше тоа што е познато како ‘Тиранска платформа’. Ова е еден пример“, рече Арсовски.

Премиерот на Албанија Еди Рама во 2017 година ги повика албанските политички партии во Македонија во Тирана за да разговараат за актуелниот развој на настаните во таа земја и за можна координација на дејствувањето на албанските партии.

Албанските партии тогаш се јавија со соопштение во кое, меѓу другото, кажаа дека се „залагаат за подигање на статусот на Албанците во Македонија како државотворен народ – со службен јазик, кој би имал ист статус како и македонскиот – и за решавање на многу други етнички прашања“.

Оваа изјава во македонското јавно мислење е позната како „Тиранска платформа“. Тогашниот македонски претседател Ѓорѓе Иванов ова го опиша како „закана за безбедноста и за стабилноста“ на земјата.

Во јануари 2023 година Рама повторно ги повика албанските политички партии во Македонија во Тирана.

СДСМ, кој ја држи власта во Македонија, не реагираше негативно на овој состанок, но опозициската ВМРО-ДПМНЕ рече дека состанокот во Тирана е одржан “за албанските партии да ја спасат власта на СДСМ“.

Аналитичарот од Скопје Џелал Незири вели дека албанските партии во Македонија мора да ја зачуваат соработката со Тирана и со Приштина, но и своето автономно дејствување.

„Секоја партија мора да води сметка за зачувување на автономијата на дејствувањето и на решавањето, без оглед на интензитетот на соработката со политичките партии, било во Албанија или во Косово“, вели тој.

Исто така, во јануари 2020 година тогашниот вршител на должноста министер за надворешни работи на Албанија Гент Цакај ги повика во Тирана албанските политички партии во Прешевска Долина, со кои ја договори нивната заедничка листа за тогашните парламентарни избори во Србија.

Белгзим Камбери вели за РСЕ дека двете партии на власта – Социјалистичката партија на премиерот Еди Рама во Албанија и движењето Самоопределување на премиерот Аљбин Курти во Косово – имаат патерналистички претензии спрема албанските партии надвор од своите земји.

Но, според зборовите на Камбери, методологијата на влијанието на двајцата премиери, Рама и Курти, е различна.

Тој оценува дека премиерот Рама настојува да ги координира акциите со албанските партии во регионот по хоризонтална линија. Спротивно, вели, е со премиерот Курти, кој настојува да влијае по вертикална линија, што значи дека центар на решавањето на албанските партии во регионот да биде Приштина.

„Владата на Косово – Самоопределување како власт во Косово – се обидува да направи одредена политика со координација со албанските партнери во регионот. Тука имаме вертикализација, зашто тој се обидува центарот на политиката во албанските региони да биде Приштина, а особено одредена партија и одреден човек“, вели Камбери.

Според неговите зборови, една од целите на движењето Самоопределување во Македонија е соборување на албанската партија Демократска унија за интеграција, која ја води Али Ахмети, и доведување на власт на опозициските партии со кои тој соработува.

Самиот Али Ахмети во интервјуто за албанската телевизија Топ чанел во јануари оваа година, осврнувајќи се на односите на двајцата премиери, Еди Рама и Аљбин Курти, со албанските политички партии во Македонија, рече:

„Еди Рама никогаш не се мешаше во внатрешните работи на политичкото организирање во Македонија. Секогаш се трудеше да ги зближи политичките партии во Македонија и јас секако сум му благодарен… Но, се случи случајот со претседателските избори кога господинот Курти држеше страна“.

Ахмети се осврна на поддршката што му ја даде партијата на Курти на кандидатот за претседател на Македонија Блерим Река на претседателските избори во оваа земја во 2019 година, на кои, меѓутоа, победи Стево Пендаровски, тогаш кандидат на ДУИ и СДСМ.

На што се посвети Самоопределување?

Движењето Самоопределување на својата веб-страница пишува дека е тоа политичко движење што има цел да се вклучат луѓето во носењето на политичките одлуки преку нивна организација и мобилизација.

Вели дека се залага за коренити општествени и политички промени, потпирајќи се врз принципот на еднаквост, демократија, политички слободи и социјална правда за секој граѓанин.

Наведува и дека цел му е суверено Косово, односно Косово кое има контрола над своите природни ресурси и кое има право на сопствена независна војска, како и право на обединување со Албанија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ