„Како што веќе еднаш јавно кажав: мислам дека само АфД може да ја спаси Германија. Крај на приказната“, кажа Маск во разговорот со Видел пренесуван во живо на Икс.
— Elon Musk (@elonmusk) January 9, 2025
Тој притоа укажа на победата на Доналд Трамо, кој ги дели десничарските ставови со АфД, на претседателските избори во Соединетите Американски Држави.
„Успехот на Трамп покажува дека граѓаните на САД сакаат промени. А мојата препорака на луѓето во Германија е да гласаат за промени ако се незадоволни“, кажа Маск.
Маск во разговорот со Видел се пожали на бирократијата во Германија.
„За да го отворам својот погон во Германија, морав да доставам 25.000 страници документи, цел еден камион и сите документи мораа да имаат печат“, кажа Маск.
Копретседателката на АфД Алис Видел во разговорот главно изразуваше согласност со Маск, особено околу повторното враќање на атомската енергија во Германија. Видел се огради од нацистичкиот лидер Адолф Хитлер.
„Тој бил комунистичко-социјалистички лик… ние сме токму спротивното од тоа – една либертаријанско-конзервативна партија“, кажа Видел.
Таа оцени дека АфД, чии активности ги следи Канцеларијата за заштита на уставниот поредок поради екстремно десничарските ставови, е единствената гаранција за продолжување на животот на Евреите во Германија.
„Сите останати партии ги отворија границите за луѓе кои се потенцијално антисемитски и кои вршат кривични дела против Евреите во Германија“, кажа Видел алудирајќи на емигрантите од земји како Сирија, Ирак и Авганистан во последните години.
Видел повторно изнесе критики на сметка на поранешната канцеларка Ангела Меркел поради нејзината доселеничка политика, а поради нејзината одлука за гасење на атомските централи ја нарече „првата зелена канцеларка“.
Навивањето на Маск за АфД наиде на остри критики од германските политички партии, а Бундестагот проверува дали станува збор за нелегално финансирање партии.
Како што наведуваат германските медиуми, разговорот на Маск и Видел на платформата Икс го следеле околу 200.000 луѓе.