Државната агенција Анадолу јави дека обвинителите дале налози за апсење на Имамоглу и уште 100 други лица. Полицијата ја претресла резиденцијата на градоначалникот и го привела околу 7:30, според неговата сопруга. Меѓу приведените е и блискиот соработник на Имамоглу Мурат Онгун.
Опозицијата ги поврзува денешните апсења со поразот на владејачката партија на Ердоган на локалните избори. Истовремено владини функционери инсистираат дека судовите работат независно и ги отфрлаат тврдењата дека правните постапки против опозиционерите се политички мотивирани.
„Се соочуваме со голема тиранија, но да знаете дека нема да се обесхрабрам“, порача Имамоглу пред апсењето. Властите затворија неколку патишта околу Истанбул и забранија протести во градот на четири дена во очигледен обид да спречат протести по апсењето.
И покрај забраната луѓе се собраа пред полициската станица во Истанбул, носејќи постери од градоначалникот. Други извикуваа слогани и креваа тупаници во воздух, додека интервентната полиција го обезбедуваше местото. Илјадници луѓе потоа им се придружија на демонстрантите пред градското собрание, каде лидерот на опозициската Републиканска народна партија ја обвини владата дека извела „државен удар“.
#Turkey #Istanbul pic.twitter.com/NTJf4gGQil
— Boris Alexander Beissner (@boris_beissner) March 19, 2025
„Да го наречеме тоа како што е: обид за државен удар. Денес волјата на народот се граба и се узурпира преку правосудниот напад насочен против луѓето во Истанбул“, им кажа Озгур Озел на присутните.
Министерот за правосудство Јилмаз Тунч изјави дека апсењата немаат врска со владата. „Поврзување на истрагите и случаите кои ги води правосудството со нашиот претседател е, во најблаго кажано, дрско и непримерно“, оцени тој.
🚨Turkey: Convoys protesting against Erdogan in Istanbul. pic.twitter.com/g9990rZK0h
— Raylan Givens (@JewishWarrior13) March 19, 2025
Ердоган ја предводи Турција како премиер или претседател повеќе од 20 години. Мандатот му трае до 2028, но најави дека би сакал да владее подолго – што може да го направи со промена на уставот или ако се распишат предвремени избори.
Агенцијата Анадолу објави дека Имамоглу и неколку други се осомничени за финансиски неправилности.
Имамоглу е осомничен за помагање на забранетата Работничка партија на Курдистан (ПКК), со тоа што наводно склучил сојуз со курдска организација за изборите во Истанбул, наведува новинската агенција.