четврток, 26 декември 2024

Илјадници демонстранти на улиците на Тбилиси осма ноќ по ред (ВИДЕО)

Илјадници проевропски демонстранти се на улиците на Тбилиси осма последователна ноќ во знак на протест против владата, која ги суспендира европските амбиции на општеството и ветува дека ќе ја уништи опозицијата. Сè поострата реторика на Владата, насилното растурање на собирите и апсењето на опозициските лидери досега не ја нарушија решителноста на демонстрантите.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Синоќа кај Собранието ги имаше повторно неколку илјади, некои со транспаренти „Вашата репресија ќе ве докрајчи“, под будното око на полицијата за разбивање демонстрации.

Сепак, во почетокот на митингот имаше помалку луѓе отколку во претходните ноќи на протести.

Како и претходните ноќи, демонстрантите удираа во металните огради што го блокираат влезот на Собранието, вееја знамиња на ЕУ и свиреа.

Некои демонстранти рекоа дека очекуваат протестите повторно да се зајакнат во текот на викендот.

Демонстрации се одржани и во Батуми, Зугдиди и Кутаиси, јавуваат медиумите.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека пет лица се уапсени во Тбилиси и во регионот Имерети.

Соочена со протестно движење, владата, која ја оценуваат како проруска и автократска, синоќа повторно ја заостри реториката, по апсењето на тројца опозициски лидери.

„Ќе направиме сѐ што е потребно целосно да го искорениме овој либерофашизам“ на опозицијата, рече премиерот Иракли Кобахиџе на прес-конференција и повторно тврдеше дека протестите се финансирани од странство.

Тој го критикуваше американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој вчера го осуди „неоправданото насилство“ на властите во Грузија и рече дека се надева на нов став на американската влада кога Доналд Трамп ќе дојде на чело на државата во јануари.

Грузија минува низ тешка политичка криза по парламентарните избори на 26 октомври, на кои победи владејачката партија Грузиски сон и кои опозицијата ги осуди како наместени. Масовните демонстрации избија на 28 ноември кога премиерот објави дека ја суспендира кандидатурата на Грузија за пристапување во ЕУ до 2028 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ