среда, 29 мај 2024

Илир Мета: Со новиот тим на ВМРО-ДПМНЕ Македонија ќе го продолжи економскиот развој

Победата на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните избори ќе даде нова димензија на економскиот развој на Македонија од која корист ќе имаат сите нејзини граѓани, напиша поранешниот претседател на Албанија Илир Мета на својот фејсбук-профил по денешната средба во Пустец со претставници на Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Објавено на

часот

Сподели

Мета потсети дека политиките во управувањето на ВМРО-ДПМНЕ со Македонија ја направија земјата да биде 10-та во светот и 5-та во Европа по деловна клима и странски инвестиции.

„Благодарение на визијата на ВМРО-ДПМНЕ, Северна Македонија експлодираше со растот на земјоделството и сточарството… Новиот тим на ВМРО-ДПМНЕ смета дека научил доволно од грешките од минатото и последиците од непотизмот, кој ги засени огромните економски и општествени достигнувања.

Северна Македонија ќе продолжи безбедно да чекори по евроатлантскиот пат и повторно Албанците ќе бидат клучната гаранција за тоа“, напиша Мета.

Претседателката на Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Јаневска денеска учествуваше на тркалезна маса посветена на образованието, што се одржа во Корча. Таа заедно со членови на Комисијата на оваа средба учествуваше по покана на претседателот на Партијата на слободата и поранешен албански претседател Илир Мета.

„Големо задоволство беше што денеска на тркалезната маса посветена на образованието одржана во Корча да присуствува претседателката на Комисијата за образование во ВМРО-ДПМНЕ, универзитетската професорка  Весна Јаневска, објави Мета на Фејсбук. Тој додаде дека Јаневска со право го нагласила проблемот со иселувањето на населението, пред сè на Младите од општина Пустец.

„И покрај високиот потенцијал за развој со кој располага општината, прекрасни природни ресурси, во општината ништо не се прави за младите да останат тука во родното место. Дека младите сè помасовно заминуваат потврда е фактот дека во округот Корча, Пустец е со најголем процент на намалување на бројот на првачиња“, наведува Мета.

На средбата беше констатирано дека Македонците се соочуваат со многу предизвици, при што се согласиле заедно да придонесат во подобрување на условите и надминување на проблемите со кои се соочува македонското малцинство во Република Албанија.

„Со Партијата на слободата прекрасната македонска заедница ќе го добие вниманието и поддршката што ја заслужува. Со спроведувањето на нашите 5 главни приоритети, Пустец ќе го вратиме во заслужениот сјај и ќе ставиме крај на депопулацијата“, ветил Мета.

Како што за МИА информираше Панди Јани, активист за правата на Македонците и член на Партијата на слободата, Јаневска го посетила и музејот во село Глобочани, посветен на еден од најпознатите албански писатели со македонско потекло Стерјо Спасе.

При престојот во Пустец  донирани се книги за училишните библиотеки.

Во оваа општина на почетокот на учебната година запишани беа 74 основци што е за 13 ученици помалку, додека 15 во гимназијата во Пустец, што е за седум ученици помалку од минатата учебна година. Првпат на ученичка клупа седнаа само 7 првачиња. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ