сабота, 27 јули 2024

Иконите вратени од Албанија изложени во Музејот на Македонија

Незаконски изнесените икони, кои денеска ѝ беа предадени на македонската делегација во Тирана, од вечерва се изложени во Музејот на Македонија. На изложувањето присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан и членот на МАНУ кој всушност ги препозна иконите, Сашо Цветковски.

Објавено на

часот

Сподели

Вкупно 20 икони кои беа украдени од македонските цркви, претежно од струшкиот регион беа вратени денеска од страна на Албанија во рамките на договорот за соработка меѓу двете држави потпишан минатата година.

Постапката за враќање на украдените икони во земјава од Албанија почна во 2013 година, со интенизвни активности во последните две години.

Денеска сите ние сведочиме на еден историски чин, за прв пат во нашата држава, успешно заврши реституција на културно наследство. Овие ремек дела се дел од идентитетските одредници и наше богато културно наследство. Иконите се меѓу најделикатните и највеличествените богатства во светот, овие икони кои вечерва ги видов може да се споредат со сликите на најголемите светски мајстори на ликовната уметност, рече премиерот Димитар Ковачевски.

м

Тој посочи оти е горд што е дел од Влада, која што создала модел за демократија, дипломатија, со што, како што кажа, воспоставивме одлични добрососедски односи со нашите соседи.

„Со дијалог, компромис и взаемно почитување и најтешките предизвици може да се надминат и да отворат нови можности за соработка. Вечерва сведочиме на една таква соработка со нашиот сосед Албанија, иконите украдени во 2013 година успеавме да ги вратиме дома“, рече Ковачевски.

Додаде дека се работи за една голема и сеопфатна акција на Министерството за внатрешни работи на Албанија преку која што се откри голем канал на крадење и шверцување, и уништување на едно историско културно наследство, и изрази благодарност и до министерот за внатрешни работи на Албанија, и до премиерот Еди Рама.

Тој исто така посочи дека идентификувани се уште икони што се украдени во текот на изминатите децении, и рече дека во моментов се работи на соодветни анализи, и дека во текот на наредниот период повторно ќе биде спроведена постапка за нивно враќање во Македонија.  

Министерката за култура, Костадиновска Стојчевска, истакна дека за првпат во регионот се случува да биде вратено украдено заштитено културно добро. 

„Според расположливите податоци во светот воопшто исклучително ретко се случува да бидат вратени незаконски културни добра онаму од каде што се земени“, нагласи министерката.

Таа информираше дека овие 20 икони ќе останат во Музејот на Македонија, каде што ќе им биде извршен конзерваторски третман во зависност од потребите на секоја икона одделно, додека по целосното завршување на конзервацијата, иконите ќе бидат изложени за јавноста во овој музеј за после извесен период да се вратат по храмовите.

„Охрабрена од овој исклучителен гест на пријателската Република Албанија, верувам дека успешно ќе се одвива и процесот на враќање на уште 37 идентификувани икони украдени од македонските цркви и манастири во периодот од 2008 до 2013 година. 

м

Уметникот кој всушност ги препозна иконите, Сашо Цветковски, овој процес кој траеше десет години помина низ различни фази, но благодарение на синхронизираноста на сите вклучени институции придонесе да се дочека враќањето на овие икони.

Во периодот од 2009 до 2013 година имаше силен бран на насилно влегување во црквите, особено во Западниот и Југозападниот дел на земјава, од каде што се однесоа стотици икони. Една од иконите албанскиот премиер Рама, симболично во знак на соработка му предаде на македонскиот колега Димитар Ковачевски при потпишувањето на договорот за враќање на иконите минатата година во Скопје. По завршувањето на овој процес за враќање на 20 – те украдени икони во земјава, предвидено е отварање на нов процес за враќање на уште еден контингент идентификувани икони во Албанија. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ