недела, 21 април 2024

Иконата на Св. Георгиј Победоносец пристигна во Свештената Зографска обител

Со благослов  Епископ Антаниски г. Партениј, претставници од Свештената бигорска Обител денеска  пристигнаа во  светогорскиот манастир на Светиот Великомаченик Георгиј – Зограф, каде што ја донесоа  чесната икона на Светиот Победоносец.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

„Иконата ќе  биде благословена и осветена од првообразната Молдавска икона, којашто се чува токму таму. Иконата и браќата беа срдечно пречекани од зографското братство, кое се радуваше што благословот од Светињата на Свети Георгиј ќе се шири и на нашите простори“, рече за МИА, сестра Ефимија, од манастирот Свети Георгиј Победоносец во дебарското село Рајчица.

Потсетува дека вчера иконата беше во манастирот Ксенофонт, посветен токму на Светиот Великомаченик, каде иконата и отците биле срдечно и со најголема љубов пречекани од старецот на обителта, архимандритот г. Алексиј, и од неговото монашко братство.

„Свечениот пречек на иконата на Свети Георгиј во нашиот манастир во  Рајчица ќе се одржи на 30 март, сабота, во 16 часот. Со широко срце и душа ги покануваме верниците да бидат дел од ова сенародно духовно славје и да ги примиме големите благослови на Светите Георгиј Победоносец и Григориј Палама, оддавајќи им достојна чест и слава“, вели сестра Ефимија.

Според неа со оваа чудотворна икона „трајно ќе биде запечатен и светогорскиот благослов за Рајчица, но и за целата наша држава“.

Иконата на Св. Георгиј Победоносец, е идентична копија на чудотворната икона на Светиот Великомаченик, којашто во 15. век на манастирот Зограф на Света Гора му ја подарил големиот добротвор на православните светињи, легендарниот молдавски војвода Свети Стефан III Велики.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ