вторник, 15 октомври 2024

ИЈЗ: За десет години за половина е намален бројот на пациенти од акутни заболувања

Ентероколити и овчи сипаници се двете најчести заразни заболувања евидентирани во септември, покажуваат податоците објавени во месечниот билтен на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), објавен попладнево.

Објавено на

часот

Сподели

Во текот на месец септември до ИЈЗ, биле пристигнати пријави за вкупно 796 заболени лица од акутни заразни заболувања – без Ковид-19, грип, туберкулоза, сида, АФП и хронични носителства на хепатит Б и Ц и хив вирусот, со вкупна инциденца од 43,3 на 100.000 жители.

„Вкупниот број на пријавени лица во месец септември е за 17,2 отсто помал во однос на претходниот месец август 2024 година. Во однос на месец септември 2023 година, регистрирано е намалување на пријавените лица од акутни заразни заболувања за 9,9 проценти, додека во однос на аритметичката средина за десетгодишниот период, се регистрира намалување од 50 отсто“, се наведува во извештајот.

Во групата на сексуално и крвно преносливи инфекции без хив/сида, регистрирани биле 13 заболени лица – пријавени се 11 случаи на вирусен хепатитис Б, по еден случај на сифилис и инфекции со хламидија.

Пријавени биле три потврдени случаи на хив и два на сида во септември, лица кои припаѓаат на возрасната група од 20 до 49 години.

Во вкупниот број на пријавените случаи на вакцино-превентабилни болести, 84,4 отсто биле на голема кашлица, појаснуваат од ИЈЗ, како резултат на тековната епидемија на територијата на град Скопје, Куманово и на Тетово.

Во текот на месец септември, пријавени биле вкупно 288 случаи на ковид-19. Во текот на месецот, регистрирани биле пет починати лица заразени со ковид-19, сите од возрасната група над 60 години.

Пријавени биле два смртни случаи од акутно заразно заболување – без ковид-19, грип, туберкулоза, сида, АФП и хронични носителства на хепатит Б и Ц и хив вирусот.

„Првиот регистриран смртен случај во месец септември е од бактериски менингит. Се работи за 74-годишно женско лице од Тетово. Кај пациентот, покрај основната болест, регистриран е и коморбидитет. Вториот регистриран смртен случај е од енцефалитис предизвикан од вест нил вирусот. Се работи за 78-годишно машко лице од Кочани кај кое симптомите на заболувањето започнале на 9 септември, а било хоспитализирано следниот ден“, информираа од ИЈЗ.

Во текот на месец септември, пристигнале 10 пријави за заразни заболувања кај странски државјани кои престојувале во државава.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ