петок, 18 октомври 2024

ИЈЗ: Се зголемува бројот на здравствени проблеми кај младите

Објавено на

часот

Сподели

Извештајот на ИЈЗ покажа дека после пандемијата младите во Македонија почесто конзумирале психоактивни супстанци како алкохол, лекарства, тутун, но и нелегални како хероин, марихуана и амфетамин. Зголемена е и ризичната употреба на психоактивни супстанци односно мешањето на лекови со алкохол.

Младите на лекар најчесто оделе поради респираторни проблеми, болести на кожата и инфективни заболувања, па следуваат дигестивните заболувања и болестите на окото.

Минатата година регистрирани се и 105 смртни случаи на деца и млади од 5 до 24 години. Младите луѓе од 15-24 годишна возраст се најзастапени во вкупниот морталитет на оваа популација. Дистрибуцијата по пол покажува дека машките деца се повеќе застапени во морталитетот во однос на женските.

Лани срегистрирани се вкупно 535.009 заболувања на училишни деца што е за 26,2 проценти повеќе во однос на претходната година.

Препораките од Институтот за јавно здравје се да се подигне свеста кај младите преку програми за здравствена едукација на сите нивоа со цел укажување на значењето на сопственото здравје и севкупната благосостојба, да се земе активно учество во имплементација на здравствените програми со цел примена на знаењата стекнати со здравствена едукација за здрави животни стилови и да се намали ризичното однесување кај младите.

Најчести симптоми на нарушено ментално здравје кај младите се анксиозност, депресија, панично и фобично расположение, самоповредување и суицидалност, соочување со загуба, криза на идентитет, поместена агресија, зависно однесување меѓу кое интернет зависност, домашно насилство, насилство во врска, неактивност и пасивизација, негрижа за себе, ниска самодоверба, безнадежност и очај, силна психосоматизација, негативна слика за себе, силна фрустрација и ниска толеранција.

Истражувањето на ИЈЗ покажува дека има недостиг на кадар во училишните амбуланти. Во оваа дејност работат 65 лекари и 83 сестри. Не е постигнат задоволителен стандард на обезбеденост со лекари на оваа групација од населението и тоа 1 лекар на 5.448 деца од 7-19 години просечно за Македонија, се вели во извештајот.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ