сабота, 19 октомври 2024

ИЈЗ: За 19 илјади деца е пропуштено да бидат вакцинирани против голема кашлица

Институтот за јавно здравје информира дека центрите за јавно здравје досега утврдиле дека за над 19 илјади деца е пропуштено да бидат вакцинирани против голема кашлица. Во периодот од 16-22 февруари пријавени се 28 нови случаи на голема кашлица, од нив 22 во Скопје, четири во Тетово и по еден случај во Куманово и во Струга. Меѓу заболените има и лице на 47-годишна возраст.

Објавено на

часот

Сподели

Возраста на заболените се движи од 0 до 47 години, а најголем број на случаи се од возрасните групи деца под една година и од 10-14 години.

Од новите 28 случаи, четири случаи (14,3%) се хоспитализирани (3 деца на возраст под 1 година и едно од возрасната група од 1-4 години), велат од Институтот.

Според досега потврдените случаи, заклучно со 22 февруари во Македонија се регистрирани вкупно 67 случаи на голема кашлица,  со инциденца од 3,6/100 000 жители.

По однос на место на живеење, најголем број од заболените, 55 се од Скопје, а заразата е потврдена во уште девет општини, 5 лица се од Тетово, 4 лица живеат во Куманово, во Гостивар два и еден во Струга.

Заболените лица се на возраст 1 месец до 47 години (медијана 9,4 години). Најголем број заболени се деца на возраст до 4 години, односно 17 случаи (25,4%) припаѓаат на возрасната група под 1 година, а 10 (14,9%) се деца на возраст од 1 до 4 години.

Првиот пријавен случај е на 5 јануари, а само во последните 7 дена се пријавени 28 случаи, со зголемување од 71,8% во однос на претходниот неделен период за пријавување.

Од вкупниот број на регистрирани случаи (67), 61 случај (односно 91%) не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или од последната доза (кај комплетно вакцинираните) поминале просечно повеќе од 11 години од последната примена доза, или нема доказ за вакцинација, наведува Институтот за јавно здравје.

Од заболените, регистрирани се 25 лица со хоспитализација (37,3%), и тоа 20 (80,0%) од нив на возраст до 4 години.

„Согласно препораките од Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје, во периодот од 18 јануари досега, сите вакциналните пунктови во земјата, во соработка со епидемиолошките служби од центрите за јавно здравје вршат интензивно избарување на неевидентирани, невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица, како и на лицата кои подлежат на редовна вакцинација, со цел нивно  повикување и вакцинирање согласно националниот Календар за имунизација“, се вели во информацијата.

Во Скопје, согласно податоците доставени од ЈЗУ Здравствен дом – Скопје, од Службите за вакцинација (Гази Баба, Чаир Карпош, Кисела Вода и Центар) беше утврдено дека се пронајдени 12.639 деца пропуштени за вакцинација. Oд нив вакцинирани се 4.142 (32,8%). Од вакцинираните, најголем број и процент примиле прва ревакцина (1.933; 46,7%).

Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 7.792 деца на возраст до 7 години, а најголем број и процент (4.792; 61,5%)  од вакцинираните деца примиле I, II или III доза на примовакцинација.

Вкупниот број на дози вакцина која содржи компонента против голема кашлица, дадени како примовакцинација (I,II,III доза) или ревакцинација (I,II ревакцина) на територија на Скопје во периодот од 18.01-22.02.2024 изнесува 11.934.

Во останатите места од Македонија, без Скопје, од доставените податоци од Центрите за јавно здравје, пронајдени се 6.663 деца пропуштени за вакцинација, од нив се вакцинирани 1.621 (24,3%). Од вакцинираните, најголем број и процент примиле I-ва ревакцина (731; 45,1%).

Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 6.211 деца на возраст до 7 години, а најголем број и процент (2.095; 33,7%) од вакцинираните примиле II ревакцина на школска возраст.

Вкупниот број на дози вакцина која содржи компонента против голема кашлица, дадени како примовакцинација (I,II,III доза) или ревакцинација (I,II ревакцина) во периодот од 18.01-22.02.2024 изнесува 7.832.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ