„Во Северна Македонија, исто како и на глобално ниво, стапките на дебелина се поттикнати од промените во економијата, зголемената потрошувачка на преработена храна, агресивното рекламирање на нездрава храна, како и намаленото ниво на физичка активност. Потребна е итна интервенција во овие области за да се спречи влошување на состојбата“, стои во извештајот на ИЈЗ.
Податоците на Институтот покажуваат дека 30,4% од децата на возраст од 6 до 9 години имаат вишок килограми, а 13,8% се со дебелина. Дури 4,4% од нив страдаат од екстремна дебелина, што сериозно го зголемува ризикот од хронични заболувања во подоцнежниот живот.
„Досегашните напори, фокусирани првенствено на индивидуалните навики, не се доволни. Дебелината не е само последица на лични избори – тоа е здравствен проблем кој бара системски решенија“, предупредуваат од ИЈЗ.
Тие препорачуваат воведување посебен данок на засладени пијалоци – за намалување на потрошувачката; забрана за рекламирање на храна со висока содржина на шеќер, сол и транс масти, особено во медиумите што ги следат децата; јасно означување на храната, за потрошувачите да можат да прават информирани избори; подобра исхрана во училиштата, со автомат-машини кои ќе нудат здрави наместо преработени производи; повеќе физичка активност во наставната програма, за борба против седечкиот начин на живот.
Средношколците најчесто консумираат бурек, пециво или тост за време на училишните одмори, а 30% од нив воопшто не се физички активни, покажуваат податоците на ИЈЗ.
Македонското население внесува двојно повеќе сол од препораките на Светската здравствена организација (СЗО). Особено загрижува количината на сол во белиот леб, кој доминира во исхраната. Според анализите, македонскиот бел леб е меѓу производите со највисока содржина на сол во светски рамки.
Превенцијата на дебелината мора да биде национален приоритет. Со комбинирање на даночни мерки, законски ограничувања и подобри услови за здрава исхрана и физичка активност, може да се постигнат долгорочни позитивни ефекти врз јавното здравје, велат од ИЈЗ.