Еден просечен македонски фудбалски клуб за нормално да функционира и да ги почитува основните пропозиции за натпреварување, потребни му се околу 300.000 (5.000 евра) за една полусезона, што во фудбалскиот свет е повеќе од смешна цифра, особено откако ќе се појават информации за наталожени неплатени судски, контролорски и делегатски такси. Смешната страна на фудбалските финансии во Македонија е податокот и дека Првата лига за 100.000 евра не може да најде спонзор што ќе ги намири овие трошоци, иако барем есенва Вардар како предводник, покажа дека интерес за македонскиот фудбал сѐ уште постои меѓу граѓаните.
Во есенскиот дел од сезоната најмногу трошоци имал Хоризонт Турново, и тоа од 394.132 денари и само поради фактот дека е најоддалечен град, додека „најевтино“ минал актуелниот првак Шкендија со 307.894 денари. Севкупно, 12 прволигаши изиграа фудбал во 18 кола за 4,088 милиони денари (66.472 евра), од кои половина се за судиски такси 2,87 милиони, а другата половина е за делегатските и контролорските листи (по 600.000 денари).
Со оглед дека од март, кога ќе почне вториот дел од сезоната, ќе се играат 15 меча, вкупната сума за прволигашите ќе биде и помала, и кога сѐ ќе се собере, прволигашки клуб за нормално да ја изигра сезоната ќе го чини една тојота јарис.
Македонските второлигаши, пак, поради поевтините такси, вкупно потрошиле 3,74 милиони денари за службените лица.