петок, 27 септември 2024

Иџет Мемети се спогоди со обвинителството да не оди во затвор, призна дека примил поткуп

Членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети се спогоди со Јавното обвинителство со што призна дека примил поткуп за да влијае во предмет што се води против поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев. Од Основниот кривичен суд за МКД.мк велат дека во духот на нивната заложба за транспарентност потврдуваат дека судија на претодна постапка ја верификувал спогодбата помеѓу Обвинителството и Мемети што значи дека тој е веќе осуден на условна казна затвор во траење од една година и тој нема да оди во затвор ако во рок од три години не стори ново кривично дело. Освен ова, судот на Мемети да му изрече и забрана за вршење на професијата во период од три години. Од обвинителството велат дека и осомничениот судија Георгиев поднел иницијатива за спогодување и во тек е постапка за склучување предлог спогодба.

Од Собранието за МКД.мк потврдија дека Иџет Мемети поднел оставка од функцијата член на Советот на јавни обвинитеи.

„Оставката на Иџет Мемети е поднесена и примена во Собрание на 9 август 2024 и истата е во постапка на подготовка“, информираа од Собранието.

Објавено на

часот

Сподели

Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска информираа дека по спроведената постапка, а пред поднесување на обвинителен предлог, надлежниот јавен обвинител склучил предлог – спогодба со членот на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети за кој постоеше основано сомнение дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание за кое е пропишана затворска казна до 5 години.

„Претходно, со поднесената иницијатива за спогодување, осомничениот И.М. до ОЈО ГОКК достави и поднесе неотповиклива оставка како член на Совет на јавни обвинители која ја доставил до Собранието. Странките се согласија на осомничениот И.М. за стореното кривично дело да му биде изречена казна алтернативна мерка – условна осуда со утврдена казна затвор во траење од една година, која нема да се изврши доколку осомничениот во рок од три години не стори ново кривично дело, како и судот да му изрече и забрана за вршење професија, дејност или должност на службено лице во период од три години, бидејќи истиот ја злоупотребил својата професија, дејност или должност заради извршувањето на кривичното дело и врз основа на природата на извршеното дело и околностите под кои е сторено, може да се очекува дека таквата дејност ќе ја злоупотреби за повторно вршење кривично дело“, информираат од ОЈО ГОКК.

Од Обвинителството велат дека кога Мемети бил соочен со доказите, тој ја признал вината, односно признал дека зел поткуп и воедно се согласил да биде казнет со условна осуда. Како што признал пред Обвинителството, Мемети по претходен договор со првоосомничениот во овој случај, врховнот судија Наќе Георгиев го искористил своето реално влијание, службена положба и углед како заменик претседател и член на Советот на јавни обвинители и во текот на април и мај 2024 година, преку Георгиев му пренел на синот на поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев дека наводно интервенирал против Стојчев да не биде покренато обвинение во врска со случајот неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции.

„За кривичниот предмет што се водел во ОЈО ГОКК против таткото на сведокот, И.М бил претходно запознаен од страна на Н.Г. При неколкукратна меѓусебна комуникација преку интернет апликацијата ватсап Н.Г. во присуство на сведокот разговарал со И.М кој не знаел дека разговорите ги слушал и сведокот. Во еден од тие разговори, сведокот дознал дека наводно од страна на И.М. бил даден налог за спогодување со таткото на сведокот и дека ќе биде одобрено барањето за склучување на предлог спогодба со осомничениот – татко на сведокот. Притоа на сведокот од страна на осомничениот Н.Г. му било предочено дека при утврдување на видот и висината на казната ќе биде предложена и утврдена казна затвор од пет години, како минимална казна за предметното кривично дело, која како таква подоцна ќе биде и одобрена и дека истата е резултат на нивната интервенција“, се наведува во соопштението на Обвинителството.

Оттаму појаснуваат дека Иџет Мемети во присуство на неговиот бранител свесно и доброволно ја прифати предлог – спогодбата и казната што произлегува од неа и се откажал од правото на жалба.

Истражната постапка против членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети и врховниот судија Наќе Георгиев беше започната на 20 мај годинава кога Георгиев беше фатен во извршување на кривичното дело.

Од обвинителството велат дека и осомничениот судија Георгиев поднел иницијатива за спогодување и во тек е постапка за склучување предлог спогодба, со која спогодба би се утврдила ефективна казна затвор која може да се движи од една до 10 години.

Од ОЈО ГОКК објаснуваат дека предлог – спогодбата како правен институт се користи при постоење на признание за вина, па тогаш правилата на постапката се поедноставени, не се изведуваат докази поврзани за фактичката состојба и постапката е едноставна, брза и ефикасна бидејќи судот треба само да ја изрече санкцијата.

„Една од причините за прифаќање на спогодувањето за кривичната санкција е настојувањето да се скрати траењето на кривичната постапка во случаите кога фактичката состојба е неспорна за обете странки, кога обвинителството располага со доволно докази во однос на кривично-правниот настан, при што и без изведување на прибавените докази судијата ќе може да донесе основана, законита и правична пресуда“, објаснуваат од ОЈО ГОКК

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ