сабота, 27 јули 2024

Идниот месец ќе пристигне деветвалентна ХПВ вакцина и за момчиња

Министерот за здравство Илир Демири денеска најави дека е осовременет Календарот за редовна имунизација со деветвалентна ХПВ вакцина-Гардасил 9 која ќе биде достапна за еден месец на вакциналните пунктови. „Покрај тоа што преминуваме од четиривалентна на деветвалентна ХПВ вакцина, новина од оваа година е што ќе биде достапна и за момчињата“, рече Демири.

Објавено на

часот

Сподели

Национаналниот координатор за имунизација Александра Грозданова појасни дека од оваа година, покрај тоа што се преминува на деветвалентаната ХПВ вакцина, таа ќе биде наменета и за момчиња на истата возраст, од 12 до 18 години, односно до завршување на средното образование.

„Се проценува дека ХПВ-вакцината може да спречи 70 проценти од случаите на цервикален карцином, 80 проценти од анален карцином, 60 проценти од вагинален карцином, 40 проценти од вулварен карцином, и покажува повеќе од 90 проценти успешност во спречувањето на ХПВ-позитивните орофарингеални карциноми. Во однос на заштитата, веќе се достапни податоци за потврдена ефикасност од повеќе од 10 години на оваа деветвалента вакцина. Во нашата земја набавени за следните три години се 70.000 дози вакцини, секако имајќи ја можноста, доколку се зголеми потребата и дополнителни број вакцини кои можат да се набават. Во последната година имаме опфат од само 52-54 проценти“, информираше Грозданова.

Демири истакна дека со оваа вакцина ќе се понуди поквалитетна превенција од хуман папилома вирус (ХПВ) инфекции.

„Се работи за успех постигнат заедно со нашите меѓународни партнери, усогласување на законската регулатива и следење на патот кон Европската Унија. Граѓаните на Европа и САД го имаат ова право веќе подолго години, сега се овозможува и кај нас“, рече министерот.

Тој истакна дека е важно што оваа вакцина ќе биде достапна и за младите момчиња.

„Досега се користеше четиривалентната вакцина, а со ова осовременување на календарот од оваа година ќе ја користиме деветвалентаната ХПВ вакцина, која обезбедува заштита и кон дополнителните пет серотипа на ХПВ вирусот и тоа покрај четири серотипови против кои и досега вакциниравме 6, 11, 16 и 18, оваа вакцина ќе заштитува и од ХПВ серотиповите 31, 33, 45, 52, 58, појасни Грозданова.

Високо ризични, дополни таа, се 16 и 18 и дополнително 31, 33, 45, 52, 58, предизвикувачи на ангиогенителни брадавици се серотиповите 6 и 11.

Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Диџовани посочи на податоците дека годишно во државава се евидентираат околу 150 нови случаи на рак на грлото на матката. Околу 60 пациенти годишно го губат својот живот поради состојби поврзани со ова заболување.

„Во рок од еден месец, во секој вакцинален пункт, ќе биде достапна за младите генерации за да бидат вакцинирани и побезбедни“, најави Демири и додаде дека за заболувања за кои има вакцини дека треба секое дете да биде вакцинирано.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ