сабота, 27 јули 2024

ИД: Партиите немаат спротивставени ставови во однос борбата против корупцијата

„Корупцијата е сеприсутна закана за интегритетот и работата на институциите и политичкиот систем во целина. Како криминално дејствување, директно ја загрозува благосостојбата на граѓаните и нивниот пристап до јавните услуги, го поткопува функционирањето на владеењето на правото и создава култура на неказнивост. Од таа причина, за граѓаните е важно што политичките партии ветуваат и како ќе го адресираат овој проблем во своите изборни програми“, пишува во публикацијата на Институтот за демократија кој во пресрет на парламетарните избори направи споредба на изборни програми на политичките партии во доменот на мерки за борба против корупција.

Објавено на

часот

Сподели

Парламентарните избори се важен момент за демократските процеси во државата, но и за остварување на уставно загарантираното право на граѓанинот да избира од кого ќе биде претставуван во следните четири години. Суштинска посветеност на партиите за креирање на добри и одговорни политики е неопходнa за подобрување на општеството и животот на граѓаните. Во овој период, понудените политики за справување со корупцијата, меѓу другото, се од голема важност за граѓаните и нивната одлука на денот на изборите. Системското адресирање на корупцијата директно влијае на ефективноста на сите други понудени мерки и програми, наведуваат од Институтот за демократија.

Според Институтот анализираните партиски и коалициски програми генерално се на иста линија и немаат спротивставени ставови во однос на мерките за поддршка на превентивните органи за борба против корупцијата.

„Во изборните програми на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Вреди, предложени се мерки за обезбедување на соодветни материјални и човечки ресурси, неопходни за непречено функционирање на институциите. Во овие делови предвидено е доекипирање со потребниот број на кадри и ресурси со цел институциите поефикасно и поефективно да ги извршуваат своите надлежности, меѓу кои се истакнуваат проверката на имотната состојба на функционерите, спроведувањето внатрешна ревизија, набљудувањето на судирот на интереси и имплементацијата на Националната стратегија за борба против корупцијата. Опфатени се и мерки за стручно дообучување и развој на кадрите, а предложено е и зајакнување на законските овластувања на дел од институциите. Мерките се насочени кон сите институции со превентивна антикорупциска улога, но во програмите експлицитно се наведени Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Државниот завод за ревизија (ДЗР) и Финансиската полиција (ФП). Движењето ЗНАМ и Коалицијата Европски Фронт предводена од политичката партија ДУИ немаат предвидено мерки во оваа сфера“, покажува споредбата на политичките програми на партиите кои учествуваат на претстојните парламентарни избори.

Потребен е ветинг на судии, обвинители, политичари

Потребата за обезбедување ресурси за судовите и јавните обвинителства е препознаена во повеќе партиски програми. Најпрво, она за што повеќето од партиите се согласуваат е дека потребно е спроведување на ветинг на судиите, обвинителите и политичарите, а во некои програми е предложено и носење на посебен Закон за ветинг, покажува споредбата на Институтот за демократија.

„Партиите се согласни и за обезбедување на буџетска независност на судството. Па така, Коалицијата Вреди во својата програма предвидува законски реформи со цел обезбедување на целосна или делумна буџетска независност на судството и антикорупциските институции, СДСМ предлага целосна буџетска независност на Судскиот совет, а ДУИ предлага обезбедување на финансиска независност на судскиот систем. Што се однесува до критериумите за оценка на перформансот и напредување во судовите и обвинителствата, ВМРО-ДПМНЕ предлага законски измени за допрецизирање на критериумите за унапредување на судиите, задолжителна евалуација на нивната работа, ДУИ предлага подобрување на законската рамка за оценување, напредување, преместување и разрешување на судии и обвинители, како и утврдување на критериуми за унапредување на судиите и јавните обвинители. Левица предлага воведување на годишна евалуација за работата на судиите како и законско прецизирање на критериумите за унапредување на јавните обвинители, а СДСМ предлага реевалуација на работата на активните судии и јавни обвинители и нивниот интегритет“, констатира Институтот за демократија.

Наспроти ова,партиите се разликуваат во поглед на ставовите поврзани со постапките за избор на судиите и обвинителите.

„ВМРО-ДПМНЕ предлага судиите и јавните обвинители да се избираат од листата на најдобри кандидати кои ја завршиле обуката на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО), како и утврдување на законски критериуми за рангирање на кандидатите за судии и претседатели на судови. ВМРО-ДПМНЕ исто така предлага и спроведување на целосна ревизија на приемот на кандидати во АСЈО и одделување на Академијата посебно за судии, а посебно за јавни обвинители. Кога станува збор за Академијата, Левица предлага поострување на критериумите за упис и поништување на правосудниот испит на сите кандидати кои го полагале предвремено или приложиле лажни дипломи. Левица предлага и воведување на построги критериуми за избор на судии и поголем стаж за нивен постепен напредок во кариерата. Коалицијата Вреди предлага целосна реформа на системот за избор, унапредување, дисциплина и разрешување на судии, јавни обвинители, додека пак коалицијата Европски фронт предлага да се избираат судиите и обвинителите преку имплементација на стратегии за управување со човечки ресурси во судовите и во јавните обвинителства“, пишува во публикацијата на Институтот за демократија.

Модерната технологија како алатка за максимална примена на законите

Партиите ја препознаваат важноста и потенцијалот на модерната технологија за зајакнување на институционалните капацитети за максимална примена на законите. Партиите со своите програми се залагаат за електронско вмрежување на базите на податоци на сите државни институции, зголемена ефективност преку дигиталната автоматизирана наплата на даноци, како и широка употреба на вештачката интелигенција за откривање на коруптивно работење, покажа споредбата на политичките програми што на направи Институтот за демократија.

„ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Коалицијата Европски Фронт најавуваат зајакнати механизми за контрола на интегритетот на царинската и службата за внатрешни работи преку обезбедување на телесни камери на царинските службеници (СДСМ) , целосна дигитализација на Царинската управа и формирање електронски систем за издавање на лични документи од страна на МВР (ВМРО-ДПМНЕ), како и формирање на посебна организациска единица задолжена за развој на постапки за утврдување на дисциплинска одговорност во рамки на МВР (Коалиција Европски Фронт)“, пишува во публикацијата.

Според податоците на овој документ, очигледен е консензусот на различните политички субјекти за важноста на дигитализацијата на судството и за напорите за модернизација на правосудните системи. Политичките партии во нивните предизборни програми ги наведуваат предлозите и ја истакнуваат нивната ангажираност кон дигитализацијата на судството и модернизацијата на судските постапки преку употребата на електронски технологии.

„СДСМ, ВМРО и Коалицијата Вреди се согласуваат дека дигитализацијата на судството е неопходна за подобрување на ефикасноста на правосудните системи. Сите три партии предлагаат воведување на електронски системи за прибирање на докази од судската евиденција, електронска достава на поднесоците кон судовите и модернизација на системите за следење на судските предмети. Предлагаат и јавно објавување на анонимизирани одлуки, што би го подобрило достапот до информации за судските постапки.

Политичките партии во своите програми, меѓу другото, се осврнуваат и кон дигитализација на повеќе аспекти од општеството со цел олеснување на меѓуинституционалната соработка, пристапот на граѓаните до јавните услуги и сервиси, како и за елиминирање на коруптивните дејствувања во бирократските процеси. Партиите ветуваат дигитални алатки за пријавување на корупција, креирање на дигитален идентитет за секој граѓанин и поедноставување на шалтерските процедури. ВМРО-ДПМНЕ во својата програма има предвидено дигитална платформа за одржување на обуки за интегритет, задолжителна за сите вработени во јавниот сектор, како и воведување на БИМ технологија која би го автоматизирала одобрувањето на проекти. И Левица и ВМРО-ДПМНЕ во програмите предвидуваат посебни регистарски таблички за сите службени возила на државните институции.

„Во однос на овој сегмент, само СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и Левица имаат предвидено одредени реформи. СДСМ предвидува интегрирана употреба на вештачка интелигенција и отворените податоци со цел рано откривање на коруптивни дејствувања во јавните набавки. Предвидените реформи на ВМРО-ДПМНЕ се поврзани со интеграција на податоци од повеќе регистри со цел детекција на судир на интереси, се обврзуваат на формирање ново одделение за ревизија на јавни набавки во рамки на ДЗР и сектор задолжен за контрола на критериумите за најповолни понуди во рамки на БЈН, но и обврска кон сите институции по објавувањето на извештаите на ДЗР на своите веб-страни, истите да изработуваат акциски планови за корекција на утврдените неправилности. Левица во својата програма предвидува формирање на централно владино тело за снабдување на сите јавни институции, како и забрана за учество на тендери на нови фирми и фирми кои се донатори на политички партии“, покажува споредбата на партиските програми.

Измени на КЗ и нови мерки за утврдување ризик од корупција

Во однос на казнената политика, партиите се генерално согласни дека потребни се измени на Кривичниот законик. Па така, поголемиот дел од мерките во програмите вклучуваат промени на Кривичниот законик, а со цел зголемување на рокот на застареност за делата сторени од носителите на јавни функции, враќање на укинатите одредби од Законот кои се однесуваат на злоупотреба на службена положба, а во некои програми предвидено е и донесување на целосно нов Кривичен законик со цел рекласифицирање и подобро редефинирање на низа кривични дела и менување на репресивната казнена политика. Предложено е и незастарување на кривичните дела поврзани со криминал и корупција, како и мерки за казнување на неразумното одложување на судските постапки. Останатите мерки за кои партиите се генерално на иста линија вклучуваат зголемување на опфатот на санкциите и нивниот износ во однос на судир на интереси, корупција, воведување кривична одговорност за корупција и изрекување на забрана за вршење на службена должност на корумпирани политичари. Во делот на казнената политика генерално нема спротивставени ставови помеѓу коалициите предводени од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Левица и ЗНАМ, додека пак Коалицијата Вреди нема предвидено мерки во овој дел.

Во доменот на антикорупциски политики, коалициите предводени од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се залагаат за утврдување на методологии и мерки за процена на ризиците поврзани со корупцијата во специфични сектори и државните институции – со усвојувањето на методологијата за процена на ризик од корупција во специфични сектори, како што го прави СДСМ, и со подобрувањето на системите за оценка и управување со ризици, како што го најавува ВМРО. Акцент на укажувачите ставаат програмите ВМРО-ДПМНЕ и Левица, нивните предлози се за подобрување на законодавството и мерките за заштита на укажувачите и на внесувањето на мерки за превенција на корупцијата во државните институции. ВМРО-ДПМНЕ предвидуваат обврска за државните институции да имаат офицери за интегритет, сертифицирани за имплементација на меѓународни стандарди за антикорупциско управување и заштита на укажувачите. Ова има за цел да го засили институционалниот капацитет за борба против корупцијата и за да се обезбеди заштита на укажувачите. Левица, на другата страна, се фокусира на подобрување на Законот за заштита на укажувачите, познат и како закон за заштита на свиркачите, укинување на банкарската тајна за сите носители на јавни функции, како и оневозможување приватни лица да инвестираат во изработка на ДУП.

„Во областа ‘Меѓуинституционална соработка и координација’ од страна на партиите се предложени вкупно три мерки од кои две мерки има предложено политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и една партијата Левица. Мерките предвидени од ВМРО-ДПМНЕ се однесуваат на поврзување на антикорупциските институции. Првата се однесува на формирање на координативно антикорупциско тело кои би било сочинето од ДКСК, ДЗР, Инспекциски совет, Јавното обвинителство (ЈО) и други. Втората мерка предложува поврзување на ЈО и ДЗР и обврзување на ЈО да ги разгледува ревизорските извештаи на ДЗР. Политичката партија Левица предложува мерка со која би се трансформирале АСПИ и КСЗД како посебни единици/одделенија во рамки на институцијата Народен правобранител“, констатираат од Институтот за демократија.

Реформи во советите на судии и обвинтели, поголема контрола на имотот

Заедничкото меѓу политичките партии е нивната ангажираност кон повисока контрола и проверка на потеклото на имотот на јавните функционери и високите раководители во јавниот сектор.

„ВМРО-ДПМНЕ предложува зголемување на постапките за испитување на потеклото на имотот на политичките функционери и високите раководители во јавниот сектор, вклучувајќи ја и проверката на имотот на судиите и јавните обвинители. СДСМ предложува системска проверка на потеклото на имотот на судиите и јавните обвинители, заедно со реевалуација на нивната работа и проверка за можни судир на интереси. Коалицијата Вреди и политичката партија Левица се фокусираат на воведување на нови законодавни норми, вклучувајќи го Законот за Управата за наплата на средства и итно донесување Закон за потекло на имот на сите носители на јавни функции, од осамостојувањето до денес кој ќе претставува лекс специјалис. СДСМ, ДУИ/Европски фронт, Левица и Коалицијата Вреди во нивните програми ја истакнуваат потребата од зголемување на ефикасноста на мерките за конфискација на криминално стекнат имот. СДСМ предложува одреден процент од продажбата на конфискуваниот имот и одземените предмети да заврши кај институции кои се заслужни за успехот на финансиската истрага, а ако истите не можат да се продадат, предвидува пренасочување на имотот и средствата кај невладините организации за проекти за социјални цели. ДУИ/Европски фронт се залага за подобрување на балансот на доказите на истрагите и за засилување на следењето и идентификацијата на случаите на противправна конфискација на имот. Левица предлага проширена конфискација на нелегално стекнатиот имот на досегашните владејачки структури и олигарси, вклучувајќи и нивните блиски роднини и пријатели. Коалицијата Вреди се фокусира на зајакнување на овластувањата и ресурсите на Агенцијата за управување со запленетиот имот, за да се овозможи заплена и конфискација на криминални средства“,пишува во публикацијата која ги споредува програмите на полтичките партии кои учествуваат на претстојните прламентарни избори.

Политичките партии во своите програми се осврнуваат и на потребата од реформа на работата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.

„Евидентна е едногласната заложба на партиите за утврдување на јасно дефинирани постапки за избор и разрешувања на членството на советите. Во своите програми најавуваат и заложба за поголема отвореност на седниците и работата на советите кон граѓанскиот сектор, медиумите и граѓаните. Програмата на ВМРО-ДПМНЕ акцентот го става на распуштање и сеопфатна законска реформа на Судскиот совет, но и воспоставување на индикатори за успешност на работата на Советот. СДСМ предвидува целосно исклучување на Министерот за правда и Претседателот на Врховниот суд од работата на Судскиот совет со цел спречување на надворешните влијанија врз работата на Советот, израмнување на мандатот на претседателот и членовите на четири години и ограничување на само еден последователен реизбор за членовите на Советот. Во однос на мандатот на членовите и претседателот, една од мерките која СДСМ и Левица ја предвидуваат е намалување на мандатот на членовите на Судскиот совет“, констатираат од Институтот за демократија.

Политичката партија Левица, како што е наведено, е единствена во чија програма се наоѓаат заложби за подобрување на улогата на Собранието во борбата против корупцијата. Тие најавуваат прекин на честата промена на законите и воведување на листа на нормативни акти и прописи кои нема да смеат да се носат по скратена постапка. Дополнително, ќе се залагаат и за поголема отвореност на работата на Собранието преку зачестено организирање на стручни и јавни расправи со експертската јавност.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ