среда, 29 мај 2024
Мурат Алиу

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

И сега, со ЕУ сме или со Русија?

Како што обично прават популистичките партии, во отсуство на политичка понуда и на јасна визија за иднината, измислуваат и наметнуваат фиктивни дилеми кои генерираат страв и несигурност кај граѓаните.

Изразот „Европа“ како синоним за интеграција во Европската Унија е можеби еден од изразите што најмногу се употребуваат во политичкиот и јавниот дискурс во Република Северна Македонија и затоа е нераскинлив дел од нашиот секојдневен лексикон.

Но, имам впечаток дека, сепак не вложивме доволно напори да одговориме на прашањето што е Европа и не успеавме да ја разбереме семантиката на овој израз. Наративот за Европа и интеграцијата во ЕУ сите овие години служеше како флоскула и политички трик за остварување на тесни партиски и групни цели. Можеби со некои мали исклучоци, ниту една политичка партија никогаш не го сфати сериозно процесот на интеграција на земјата во ЕУ.

Што е тоа Европа? Европа е пред сè географија, географски простор со, повеќе или помалку, дефинирана граница, но надвор од географскиот простор, таа е збир на вредности, светогледи, начин на размислување и живеење. Тоа е термин кој асоцира и повикува на одредени цивилизациски вредности како што се: правда, владеење на правото, економска благосостојба, демократија, слободи и човекови права и слично.

Во оваа перспектива, самоидентификацијата со Европа треба да се прави според вредностите кои овој поим ги претставува и симболизира. На едно лице или општество им е дозволено да се идентификуваат како „европски“ доколку успеат да ги вдомат вредностите и светогледот врз кој е изградена Европа. Европеизацијата на една држава или општество се одредува според нивото на демократија, почитувањето на слободите и човековите права, борбата против корупцијата и криминалот, граѓанската свест, степенот на образование и слично.

Европа како мит

Pål Kolstø тврди дека на Балканот постои еден вид специфични митови кои тој ги именува како антимурални митови кои балканските народи ги измислуваат со цел да се поистоветат со европската цивилизација или преку кои се обидуваат да се позиционираат во европскиот културен и цивилизациски простор. Преку овој тип на митови, балканските историографи ги прикажуваат своите народи како последни чувари или бранители на Европа од „варварските“ источни сили.

Во 19 век, кога и се родија балканските национализми, политичките и културните елити ги измислија овие митови за да ја нагласат пожртвуваноста на својот народ во одбрана на европската цивилизација од варварските напади и интервенции на источните сили. Замислувајќи се себеси како такви, балканските народи имаа за цел да избегаат од „Истокот“ и да создадат слика дека се Европејци.

„Со Европа, не со Русија!

Со Европа, не со Русија“, е горе-долу најспоменатиот израз во овој предизборен период особено од страна на сегашните владејачки партии. Денеска дилемата што е изнесена и наметната пред граѓаните е дали Македонија ќе го продолжи патот кон членство во ЕУ или ќе се движи кон нов и нејасен правец, или во најекстремен случај, кон Русија и „Истокот“!

Барем на ниво на перцепција, се чини дека политичката сцена е поделена на два табора: во еден табор се „проевропските“ сили, СДСМ, со својата коалиција, коалицијата „Европски фронт“ предводена од Демократската унија за интеграција и „албанската опозиција“, а од другата страна, ВМРО ДПМНЕ, Левица и други партии.

Велиме, на „ниво на перцепција“, поради фактот што оваа поделба не треба да се толкува како апсолутна. Освен можеби политичката партија Левица и некои други помали партии, ниту една друга партија официјално и јавно не се изјаснила против интеграцијата на државата во ЕУ. Она што дел од политичките партии, главно ВМРО-ДПМНЕ и други, го доживуваат како „антиевропски“, има врска со нивниот ригиден став во однос на уставните измени, кои како што е познато, се предуслов за почеток на преговорите на земјата со ЕУ.

Руското влијание: реалност или фикција

Подолго време на Балканот, во Европа но и во светот, една од централните теми на политичкиот и јавниот дискурс е руското влијание. Овој дискурс се актуелизираше уште повеќе по руската воена агресија во Украина. На Балканот, по Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, Македонија беше една од земјите каде се смета дека Русија може да го зголеми своето влијание и со тоа да предизвика нестабилност во земјата и регионот. Во овој контекст, руското влијание е една од главните теми во Македонија по руската агресија во Украина.

Извор: freepik.com

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на средбата со генералниот секретар Јенс Столтенберг, на 21 ноември 2023 година, изјави дека Македонија е фокусирана на борбата против руското влијание. Од друга страна, Столтенберг изјави дека НАТО е обединет и решен да се бори против руското влијание на Балканот, вклучително и во Северна Македонија, и да ги заштити своите земји-членки.

Во студијата објавена од невладината организација „МОСТ” се нагласува дека по руската агресија во Украина, има интензитет на ширење на руската пропаганда во Македонија, чија цел е поделба на општеството и блокирање на процесот на интеграција во ЕУ. Социјалната мрежа „Фејсбук“ е еден од центрите каде се откриени развиени и координирани мрежи кои ја засилуваат руската пропаганда, дезинформациите и манипулациите.

„Студијата откри масовно емитување и присуство на официјални лица на Кремљ на интернет просторот во Северна Македонија, користење на руските државно контролирани медиуми како извори во написи, проруски пораки од политичари од регионот и пошироко. Има и многу случаи на координирана масовна дистрибуција на содржини на Фејсбук преку добро воспоставена и координирана проруска инфраструктура“, вели Росана Алексоска, автор на студијата.

Според оваа студија, руското влијание во Северна Македонија е конзистентно со концептот на „силна моќ“, преку промовирање на словенско-православното братство и користење на црквата. Понатаму во студијата се наведува дека руската пропаганда се обидува да создаде мислење и идеја дека граѓаните на Македонија немаат ништо заедничко со западниот свет и на тој начин да го зајакне отпорот кон Европската Унија и НАТО.

По руската агресија во Украина, значителен број руски дипломати во земјата беа прогласени за персона „нон-грата”. Како одговор, Русија ја прогласи Македонија за непријателска земја.

Дури и американската амбасадорка Ангела Агелер се огласи по ова прашање, изјавувајќи „Не сум свесна за некое конкретно руско влијание во Македонија, но уверена сум дека е тука.“ Во неодамнешно интервју за Радио Слободна Европа, актеулниот претседател Стево Пендаровски изјави дека руското влијание постои, но „не на нивото како што беше во 2018 и 2019 година“.

Како што може да се согледа, повеќе аналитичари, истражувачи и политичари веруваат дека постои руско влијание во Македонија. Од друга страна, ова влијание тешко може да се докаже и документира со поконкретни докази.

Зад овој дискурс за руското влијание во Македонија се крие политичка рационалност. Со други зборови, изразите од типот „Со Европа, не со Русија“, „Со Западот, а не со Истокот“, главно ги измислија владејачките партии СДСМ и ДУИ за да избегнат одговорност пред граѓаните за нивното четиригодишно владеење, кое беше полно со афери и коруптивни скандали.

Овој наратив, исто така, го одразува недостатокот на платформа и политичка понуда на политичките партии. И, како што обично прават популистичките партии, во отсуство на политичка понуда и на јасна визија за иднината, измислуваат и наметнуваат фиктивни дилеми кои генерираат и страв кај граѓаните.

Во овој контекст, како што се гледа во тековната изборна кампања, сеењето страв кај граѓаните ќе биде главната стратегија на политичките партии. Од една страна, СДСМ и ДУИ тврдат дека доколку не победат на изборите, земјата ќе тргне по нејасен пат, алудирајќи на ригидниот став на ВМРО ДПМНЕ и другите политички партии, главно од македонскиот политички табор, против уставните измени. Според нив, зачувувањето на статус квото, односно неизгласувањето на уставните измени, што всушност значи неотворање на преговорите со ЕУ, би го отворило патот за руско влијание.

Во меѓувреме, ВМРО ДПМНЕ и други партии, кои на уставните измени гледаат со скептицизам, тврдат дека во случај на уставни измени под бугарски диктат, Македонците ќе го изгубат својот национален идентитет.

Не дека ние, како држава и општество, не треба да дискутираме и да внимаваме на неизбежните влијанија кои ќе ни го попречуваат патот на интеграција во ЕУ, туку проблемот лежи во тоа што ова прашање – прво, се преувеличува и второ, намерно станува предмет за манипулирање со граѓаните и избегнување на реалните проблеми.

Оттука доаѓаме до одговорот на второто прашање. Кои се тие што ни ја нудат Европа? Какво е минатото, профилот и капацитетите на политичките партии и политичките актери кои редовно зборуваат за Европа? Во целиот овој политички наратив има контрадикторност или парадокс.

Како е можно овие луѓе секојдневно да зборуваат за Европа и за европски стандарди, а во исто време, нивните дејствија да се толку антиевропски? Како е можно луѓето кои ја шират „епидемијата на корупција“, како што изјави американската амбасадорка во Република Северна Македонија, да се претставуваат како најголеми бранители на европските вредности?

Како е можно овие луѓе да зборуваат за владеење на правото, откако за политички и партиски цели интервенираа во Кривичниот законик, и го амнестираа можеби најголемиот криминал направен во историјата на нашата држава – оној од периодот на владеење на Никола Груевски?

Сиот овој наратив за Европа, европски вредности и европеизација е обид на типични корумпирани балкански политичари, без никакво чувство за европските вредности, да се претстават како чувари на нашата „европска иднина“.

Оваа злоупотреба на изразот „Европа“ што го користат луѓе кои потсвесно мразат се што е европско е обид да се прикрие нивното вистинско лице, кое ја отелотворува корупцијата, неодговорноста и провинцијалниот менталитет.

Mурат Алиу

(Преземено од Республика)

КОЛУМНИ

Рајко Пеколски

Kратки вести

Филип Клетников

Што не е во ред со Друштвото на писателите на Македонија?

Вилсон

Легитимитетот на лидерот и на раководството на СДСМ мора да извира...

Филип Темелковски

Да престане битката за партијата, да ја вратиме борбата за социјалдемократијата

Бранко Азески

Бизнисот со Грција, странските инвестиции со Мизо и новата влада

Весна Попоска

Вo кој правец ќе дувне ветрот во Грузија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ