„Денес повторно нема систем кој за пациентите ќе овозможи континуирана терапија, следливост на терапијата, нема ништо од ветувањето за децентрализација на областа на онкологија, нема зајакнување на кадарот ниту на Клиниката за онкологија каде што се третираат најтешко болните пациенти со канцер. За пациентите нема гаранција дека за извесен период од денес ќе има лекови, не се знае дали ќе бидат почитувани законските процедури за набавка, дали ќе има доволно буџет за современата терапија. Пациенти кои се третираат на Клиниката за онкологија ни реагираат дека нема доволно медицински сестри на Клиниката, а дневната болница работи само со половина капацитет“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму прашуваат како надлежните институции како што се Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување не обезбедуваат медицински кадар за оваа институција, во исто време додека без проблем предизборно течат огласи за административни вработувања, во исто време не се води грижа за медицинскиот персонал.
„Пациентите од Клиничката болница во Битола реагираат дека се трошат последните количини на лекови по што ќе биле препраќани на Клиниката за онкологија во Скопје, бидејќи за Битола не е планирана набавка. Показател за немање на системска грижа за пациентите со малигни заболувања се отсликува и во секојдневниот предизвик за борба за основни лекарства со што заради неспособноста и негрижата на Владата на ДУИ и СДС не враќаат 20 години наназад во однос на третманот на овие пациенти. Истовремено се јавува и недостиг на терапија и кај пациентите со ретки болести, кај пациенти со дијабет, невролошки заболувања, како и друга категорија на заболени. Во ГОБ „8 Септември” иако после 10 сечења ленти и 10 промоции, се уште не е во функција акцелераторот за зрачна терапија кој е набавен уште во 2016 година, а денес осум години потоа повторно фаќа прашина и не е на располагање на пациентите. Не смееме да дозволиме да има „онкологии” и во другите здравствени институции“, додаваат од партијата.