понеделник, 28 октомври 2024

И покрај кандидатите, МОН пак не може да формира Комисија за рецензија на Историја и општество

Не се работи за незаинтересираност на историчарите да се пријавуваат на конкурсите на Министерството за образование и наука (МОН) за изработка и рецензија на учебниците по Историја и општество туку напротив, како обединетост во отворената манифестација на несогласување со Концепцијата за основно образование со која беше укинат предметот Историја, вели за МКД.мк, проф. д-р  Митко Б. Панов откако министерот Јетон Шаќири минатата недела обајви дека конечно после повеќе обиди се јавиле рецензенти за овој предмет. Од МОН велат дека не можат да одговорат на прашањето која е причината за незаинтересираноста за пријава за рецензенти за учебникот по Историја и општество и дека иако кандидати има, не можат да ја формираат рецензентската комисија зашто не можат да најдат претседател кој мора да доаѓа од високообразовните институции.

Објавено на

часот

Сподели

Концепцијата за основното образование беше категорично и јавно отфрлена од сите релевантни научни и високообразовни институции, при што аргументирано беше укажано на штетата што ќе ја предизвика, особено во сегментот на посебноста на предметот Историја, воведен уште од АСНОМ, вели проф. д-р  Митко Панов во одговор на прашање на МКД.мк на што се должи незаинтересираноста на историчарите да се пријавуваат на конкурсите на Министерството за образование за изработка и особено за рецензија на учебниците по наставниот предмет Историја и општество

Историчарите се обединети, Историјата мора да остане посебен предмет

Досегашната практична примена, што резултираше со повлекување, односно немање на учебници по Историја и општество е една од причините за несогласувањето на историчарите со постапките на МОН, вели проф. д-р Панов.

„Недозволиво кратките конкурсни рокови за нивна подготовка, недвосмислено ги потврди нашите укажувања за крајно негативните импликации од избрзано донесената Концепција. Таа не само што не го одразува научниот и академски консензус, туку е во спротивност со истиот. Затоа историчарите се обединети во цврстото опстојување на ставот дека историјата мора да остане посебен предмет и во таа смисла се залагаат за иницирање на широка јавна дебата за ревизија на Концепцијата, засновано на сеопфатна анализа, а која ќе ги артикулира институционалните ставови на научната и академската заедница. Секое избрзано и наметнато решение не само што не носи прогрес, туку во крајна линија е на штета на учениците, на образовниот систем, а со тоа и на државата во целина“, вели проф. д-р Панов.

Од МОН велат дека не можат да одговорат на прашањето која е причината за незаинтересираноста за пријава за рецензенти за учебникот по Историја и општество и не кажуваат кои се рецензентите кои после неколку конкурси одлучиле да се пријават на овој последниот.

„Согласно прописите, додека трае процес на одобрување на учебници, не треба да се знаат рецензентите за да се елиминира потенцијално влијание врз нив“, велат од МОН.

Оттаму за МКД.мк велат дека на крајот од годината и на крајот на првото полугодие од оваа учебна година, по предметот Историја и општество сѐ уште нема одобрено учебници за 5-то и 6-то одделение. На прашњето колку обиди до сега се направени за пријавување на рецензенти за учебникот од МОН велат дека за 5-то одделение има пријавено доволен број членови за рецензентска комисија но недостасува претседател за комисијата кој задолжително треба да биде од високообразовните институции.

„Националната комисија и покрај неколкуте обиди да формира комисија од кандидатите што беа предложени, истите не прифатија да бидат дел од таа комисија. Националната комисија ја задолжи и Педагошката служба да се обрати до високообразовните институции да предложат претседател за комисијата, но до денес ниту една високообразовна институција не достави предлог. За 6-то одделение ракописот беше доставен кон крајот на ноември по што Педагошката служба на 24 ноември 2023 објави оглас со рок за достава на пријавите до 5 декември 2023 година. Доколку има доволен број пријави Националната комисија на следната седница ќе формира рецензентска комисија во спротивно ќе се постапи согласно одредбите од Законот за учебници за основно и средно образование“, велат од МОН. 

Што се однесува до прашањето дали наставните програми по Историја и општество соодветствуваат со научните сознанија, докази и факти за историјата на Македонија, проф. д-р Панов вели дека тие се директен продукт на Концепцијата за основно образование, од што произлегува и содржинската конципираност на учебниците.

„Истите воопшто не го артикулираат научниот и академски консензус на историчарите. Колегите историчари со своите научни достигнувања го детерминираат историографскиот став во контекст на историјата на Македонија. Практиката во соседните земји, како и воопшто во европските држави, упатува на неопходноста од непосредна корелација на достигнувањата на националната историографија со наставните програми, а што наоѓа рефлексија во содржинската конципираност на учебниците. Со тоа се постигнува и потребната интегрираност и комплементарност на сите нивоа на образовниот систем, од основно до високо образование“, вели проф. д-р Панов.

Во таа смисла, потенцира тој, само со широка и активна институционална инволвираност на историчарите од Институтот за национална историја и Институтот за историја при УКИМ, на историчарите од останатите релевантни научни и образовни институции, на Здружението на историчари, ќе може најдобро да се осмислат и конципираат наставните програми, за учебниците како финален продукт и да бидат на потребното научно и академско ниво.

„Но, за да се постигне тоа, ќе мора да се респектира ставот на колегите историчари за неопходноста од ревидирање на Концепцијата, што треба да резултира со враќање на посебниот статус на предметот Историја. За тоа сите полагаме општествена одговорност, бидејќи предметот историја го дефинира идентитетот и ја гради свеста за припадноста кон нацијата на идните генерации. Тоа се впрочем и европски вредности, засновани на респектирање на изразувањето на идентитетската посебност преку националните историски наративи. Само преку обединувањето на институционалните научни и образовни потенцијали, ќе можеме да бидеме конкурентни со европскиот образовен систем, бидејќи образованието претставува еден од клучните сегменти за развојот на државата и нејзиното интегрирање во Европската Унија“, вели проф. д-р Панов.

Договорот со Бугарија камен на сопнување за македонската Историја и општество

Предметот Историја и општество го следат контроверзи откако Македонија и Бугарија во 2017 година го потпишаа Договорот за добрососедство, пријателство и соработка по што беше формирана мешовита Комисија чија задача е да направи ревизија на историјата на двете држави.

По ова во 2019 година беше изменет Законот за основното образование по што во февруари 2021 година тогашната министерка за образование и наука, Мила Царовска соопшти дека предметот општествени науки, од прво до трето одделение преоѓа во наслов Човек и општество, а од четврто до деветто Историја и општество.

„Никако оваа реформа, освен преку лажната вест, не смее да се поврзува со надворешно политичко прашање. Концепцијата е работена во период од три месеци, а се базира на знаења, искуства и истражувања“, изјави тогаш Царовска.

За оваа цел беше организирана и еднодневна јавна расправа на која присуствуваа тогашниот премиер Зоран Заев, министерката Царовска, претставници на Владата, МОН, од државни образовни институции, професори од педагошките факултети, директори и наставници од основни училишта, претставници од МАНУ, невладини и меѓународни организации.

Една од контроверзите што го следат овој наставен предмет се случи на крајот на мај годинава кога учебникот по Историја и општество за петто одделение беше повлечен од употреба поради, како што беше објаснето, грешки во содржината. Министерството за образование и наука објави повик за формирање авторски тим за изработка на нов учебник.

Реагираше Здружението на историчарите и јавноста, а Министерството за образование и наука тогаш побара од Националната комисија за учебници, како највисоко тело во процесот на одобрување на учебници, информации за постапката за одобрување на конкретниот учебник во кој, како што наведе МОН, „констатирани се низа грешки и нелогичности кои не смееја да се дозволат“.

                                                                                                                 Искра Опетческа

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ