сабота, 27 јули 2024

И Македонија со Стефче ќе засвири на Олимпијадата

Објавено на

часот

Сподели

Сè започнало со еден добиен мејл од продукцијата „Сириуз“, од Лондон, мејл што нашиот музичар Стефче Стојковски не го сфатил ни многу сериозно. Од почеток мислел дека се работи за некаква шега, или како што вели, „за џанк мејл“, па не одговорил на него. По две недели добил нов таков мејл со иста содржина, станувало збор за покана за летната Олимпијада во Лондон и за тоа дали Стојковски е заинтересиран да учествува на неа. Неговиот одговор бил потврден. А третиот мејл веќе ги содржел сите детали и информации за учеството. Патем, продукциската куќа „Сириуз“ е една од најголемите во Британија, а особено се познати и како организатори на лондонскиот џез-фестивал.

„Ни испратија мејлови од сите учесници од Балканот и ние контактиравме меѓу себе. Од секоја држава ќе биде претставена по една песна, но од Македонија дури 4 песни! Тоа беше по мој предлог, кој беше прифатен од другите. Ќе свирам на кавал, гајда, шупелка, тамбура, зурла и двојница. А ќе свирам и речиси на сите песни и композиции предложени од другите колеги од Балканот“, раскажува Стефче.

На Олимпијадата ќе има учесници и од Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Романија, Бугарија, Албанија, Грција и Турција. Пробите веќе започнале, уште на нивната прва средба, минатата година во Лондон, каде што и првпат уметниците се виделе и се запознале.

„Средбата траеше 5 дена и во тој период се подготвија повеќе од 15 композиции. Потоа се одржа концерт во центарот „Степл арт“. Беше навистина многу напорно. Работевме по 12, 13 часа дневно, четири дена. Но сите беа академски музичари, одлични уметници што настапуваат по светски познатите музички центри и сцени. Не беше лесно, беше напорно, но за мене беше задоволство да работам со такви уметници“, вели Стефче.

 

Оставам печат за Македонија

 

Стефче е во право кога вели дека сè во што ќе се вложи љубов, голема работа и труд, еден ден ќе се обелодени, нема да остане незабележано.

„Целиот работен век се трудам да оставам белег на македонската изворна музика во светски рамки. Ете, некои од светската музичка фела, некои од луѓето што ги следат музичките уметници од целиот свет го забележале и мојот долгогодишен труд и работа во мојата дејност. Ваквата покана за мене значи и сатисфакција и предизвик, но и обврска за уште поголема работа и докажување, за презентирање на Македонија и македонските духовни вредности на светската сцена“.

А која е пак личната полза од ваквиот настап?

„Личната полза е што зад мене оставам дело со високи дострели, оставам личен белег и оставам печат за Македонија во историјата на културата во светот. Кога уметниците ќе заминат, делата што ги оставаат зборуваат кои биле и што направиле“, објаснува Стојковски.

 

Бев најавен како Македонец

 

Стефче Стојковски е горд и благодарен на Бога што е Македонец. Неговото име беше и ќе биде објавено на сите брошури, програми, плакати…, заедно со името Македонија. Бил најавен како Стефче Стојковски од Македонија.

Организаторот ги подели 205-те ученици, културни претставници, во повеќе региони, кои ќе настапуваат на десетина бини покрај Темза. Секој регион, или секоја група, има свое име. Името на балканските земји е ‘Река’. Само организаторот знае зошто е тоа така“, завршува Стефче.

 

Ј. Кантарџиева

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ