Од Секторот за шумарство при Министерство за земјоделство, рурален развој и животна средина на Република Кипар соопштија дека по наредба на директорот на конкретниот сектор Савва Иезекил и по консултација со надлежната министерка Мариа Панајоту, преку Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија се испраќа помош за Македонија за справување со шумските пожари во областите Чашка и Свети Николе, а соодветно бил информиран и министерот за надворешни работи на Кипар Константинос Комбос.
Двата авиона, со четворица членови на екипажот и пет лица за копнена поддршка, во 10:15 часот утрово полетале од аеродромот во Пафос кон меѓународниот аеродром во Скопје, планирана е попатна станица на аеродромот на грчкиот остров Родос за полнење гориво и според процените се очекува кај нас да слетаат околу 17 часот.
По пристигнувањето ќе биде информирани со детали за акцијата, а се очекува утре наутро да учествуваат во гаснењето на пожарите.
Планирано е кипарските авиони во Македонија да останат пет дена.
Конкретните авиони, како што соопштија од Секторот за шуми во надлежното кипарско Министерство, се опремени со соодветна опрема за гаснење и употреба на пена, опремени се и со соодветна телекомуникациска опрема, како за комуникација со Единицата за воздушни средства во Ларнака, така и за пренос на информации и фотографски материјал.
Од средината на јуни 2024 година двата авиони се дел од механизмот rescEU и оваа е нивната прва мисија.