петок, 26 јули 2024

И Филипче се кандидира за претседател на СДСМ

„Мојата цел во следните четири години е да ја обновиме, реформираме и повторно да ја подигнеме СДСМ на ниво кое го заслужува. Да создадеме организација која ќе им служи на граѓаните и ќе биде мотор на општествениот напредок“, вели меѓу другото Венко Филипче, актуелен пратеник и поранашен министер за здравство, во обраќањето по повод неговата одлука да се кандидира за претседател на СДСМ.

Објавено на

часот

Сподели

Филипче својата кандидатура ја најави и преку Фејсбук каде вели дека долго размислувал, но дека по низа разговори со голем број поддржувачи на СДСМ решил да се кандидира за претседател на СДСМ.

„Нашата партија е соочена со голем предизвик и ги поминува веројатно најтешките моменти од нејзиното основање. Ова е време кога многумина се прашуваат дали СДСМ ќе опстане и каква е иднината на партијата. Но, јас силно верувам дека поразот треба да ни послужи како моќен катализатор за промени и обнова. Мојата цел во следните четири години е да ја обновиме, реформираме и повторно да ја подигнеме СДСМ на ниво кое го заслужува. Да создадеме организација која ќе им служи на граѓаните и ќе биде мотор на општествениот напредок.

Мораме да учиме од нашето минато, да ги отстраниме сите недостатоци и да излеземе посилни и пообединети од кога било досега. СДСМ отсекогаш бил и останува столб на демократијата, правдата и напредокот. Силен СДСМ им е пред сѐ потребен на граѓаните како коректив на политиките и насоката во која се движи земјата.

Со мојата кандидатура ќе приложам сеопфатен концепт и програма која наскоро ќе ви ја претставам. Во следниот период ќе се посветам на дискусии и средби со членови и поддржувачи на СДСМ, но и низа поединци, групи и организации кои може да придонесат заеднички да ги поставиме темелите на обновата. Сакам да ги слушнам сите размислувања и идеи кои ќе помогнат да го вратиме СДСМ на победничките патеки и гордоста на нашите членови. Заедно, ќе ја обликуваме иднината што ќе ја одразува нашата заедничка визија за Социјадемократскиот сојуз на Македонија.

Ветувам дека ќе водам кампања со највисока почит кон моите противкандидати. Сите ние сме пред сѐ пријатели и колеги и имаме заедничка цел – посилен и подобар СДСМ. Ова мора да биде натпревар на идеи и визии, а не бојно поле на лични напади. Нашата заедничка цел е да го зајакнеме СДСМ и да им служиме на граѓаните, затоа мора да пристапиме со единство и меѓусебно почитување.

Во овој дух, по затворање на рокот за кандидирање, ги поканувам сите кандидати на заедничка средба да ги договориме правилата на фер и демократска кампања во која на крајот сите ќе излеземе и помудри и пообединети.

За крај, ве поканувам да ми се придружите на ова патување за реформирање и зајакнување на СДСМ, за создавање партија која вистински ги застапува вредностите и потребите на нашите граѓани. Заедно, можеме да изградиме попросперитетна иднина за сите“, вели Филипче.

Инаку, на последните парламентарни избори Филипче ја предводеше листата на коалицијата на СДСМ во изборната единица четири.Филипче беше и потпретседател на партијата кога функцијата претседател на СДСМ ја извршуваше Зоран Заев.

Во трката за нов претседател на СДСМ досега се пријавија Славјанка Петровска, актуелна пратеничка и доскорешна министерка за одбрана и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.

Како опција за претседателската фотелја во СДСМ се споменува и името на Стефан Богоев.

СДСМ претседател ќе избира на 30 јуни, а рокот за поднесување на кандидатури е заклучно со 6 јуни.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ