Секоја чест за Ерјона Јонузи, би додале ние. Такви спортисти и спортистки ѝ се и тоа како потребни на Македонија. Не за џабе велат дека спортот е најдобриот амбасадор на земјата. Спортистите се и пример како се сака земјата за која се настапува.
Одамна во светот на спортот воопшто не е битно кој спортист од која етничка заедница е. Не е битно ниту кај нас. Во фудбалот на пример, сите во Македонија им се радуваме на головите на Барди, Енес, Адеми, или на одбраните на Димитриевски. Или да се присетиме како се радувавме кога Меккелејб, кој и не беше од Македонија, изведуваше вратоломии протнувајќи се под и низ долгите раце на противниците од европските велесили и кои завршуваа со кош. Македонија го освои фантастичното четврто место, а со малку среќа можеше да заиграме и во финалето, да не беше несреќната последна секунда во мечот против Русија. Да не ги редиме и другите спортски дисциплини, како борењето, боксот итн., каде што секако нема „балансери“ ниту одредби од Охридскиот договор.
Името на Еројна Јонузи е поголемо од името Талат Џафери, барем во очите на љубителите на спортот, каде што нема многу политика. И сите им се радуваат на нејзините мајстории на паркетот.
И треба да му е чест да се фотографира со Јонузи. Можеби неа подраго ќе ѝ беше на приемот да дојдеа и нејзините другарки од репрезентацијата.
И треба на Џафери да му биде чест да ги обиколи и местата во источниот дел од Македонија, да се запознае со проблемите на граѓаните, на општините, на стопанството. Без оглед што е предизборен период. И без оглед што тој е само технички премиер со ограничен рок на трајност во Владата. Но, кој пак да знае колку е тој рок?