понеделник, 21 октомври 2024

И до 75 отсто ќе се намалат цените на услугите на Агенцијата за катастар на недвижности

Наскоро, откако ќе завршат законските процедури, граѓаните ќе можат да ги добијат услугите на Агенцијата по пониски цени, намалени и до 75 проценти, изјави  директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски по средбата со премиерот Христијан Мицкоски. Тој додаде дека ваквиот предлог го доставил до Управниот одбор на агенцијата и претставува одговор на бурните реакции во јавноста по зголемувањето на цените во февруари 2024 година.

Објавено на

часот

Сподели

Живковски изјавата ја илустрира со еден пример.

„Доколку склучите договор за купопродажба на стан, треба да извршите упис во катастарот на четири имотни листови – за станот, земјиштето под зградата, заедничките простории и паркинг местото. Во моментот, за оваа пријава се плаќаат 5.000 денари, но со измените во тарифникот, граѓаните ќе треба да платат само 1.250 денари по правен основ, што претставува намалување од 75 проценти на овој надоместок“, рече тој.

Живковски нагласи дека Агенцијата за катастар на недвижности игра клучна улога во регулацијата и развојот на гео-просторната инфраструктура, урбанистичкото планирање и пазарот на недвижности  и посочи дека предложените намалувања на цените се само вовед во најголемата реформа за модернизација на катастарот на недвижностите.

Како што информираше, намалување ќе има и за оставинските постапки и договорите за дар каде наплатата ќе биде 1.250 денари по правен основ за една катастарска општина, без оглед на бројот на имотните листови во катастарската општина, а не како до сега 1.250 денари по имотен лист.

Во согласност со процедурите за измена на тарифникот, по добивање согласност од Управниот одбор, Владата исто така треба да даде своја согласност. Живковски напомена дека се очекува сите потребни процедури да бидат завршени во најкраток можен рок, овозможувајќи граѓаните и правните субјекти да добиваат услуги по значително пониски цени.

На средбата Мицкоски и Живковски потенцирале дека ова е само почеток на дигиталната трансформација на Македонија, со планирани проекти кои ќе водат кон подобрување на услугите, модернизација и дигитализација на катастарот. Следуваат денови на реформски процеси и унапредување на сите јавни сервиси поврзани со катастарот на недвижности.

Премиерот Мицкоски по средбата со директорот изјави дека разговарале за сите реформи и за намалувањето на цените.

„Првата работа е дека услугите за четири, пет, шест па и повеќе пати поевтинуваат за граѓаните, што ќе значи дека до милион евра годишно ќе остануваат во паричниците на граѓаните. Втората работа, којашто исто така е многу важна, дека катастарот полека но сигурно се ослободува од криминалот. Забележавме дека илјадници предмети биле не решени“, додаде Мицкоски.

Тој изрази уверување дека ќе се решат сите нерешени предмети и, како што додаде,  илјадници предмети во овие два месеци веќе добиваат разрешница.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ