Според Центарот за управување со кризи вчера избувна пожар на ниска вегетација во многу непристапен карпест и каменест терен во атарот на село Полог, Општина Новаци. Пожарот има голем фронт и се шири во правец кон селата Скочивир, Грумази и Сливица. Вчера интервенирале пожарникарите на Битола, за од утрово веќе се делува во поголем број.
Пожарот на Илинска планина, што се простира на подрачјата на општините Демир Хисар и Охрид е под контрола и на некои места има чад во веќе опожарениот дел кој не претставува опасност.
Пожарот на планината Галичица е активен на страната према Ресен и се шири накај село Стење. Според известувањето на пожарникарите од Ресен се слушале и експлозии од куршуми и неексплодирани средства.
Во Општина Македонски Брод, пожарот кај селата Тажево и Брезница е активен. На терен се пожарникарите од Македонски Брод, 40 припадници на унгарските пожарникари со нивната специјална опрема, а вчера се интервенираше и од воздух со еден хеликоптер и шест „ер трактори“.
Во Општина Кичево, пожарот што на 7 август почна кај село Челопеци се прошири кон село Бигор Доленци. Тука на терен се пожарникарите и вработените од Национални шуми „Лопушник“ и 50 војници од Армијата.
Во Општина Струга од вчера попладне има пожар на ниска вегетација кај село Долна Белица, кој подоцна се проширил кон селата Октиси и Велешта и кон шумата. Пожарот е под контрола, а гори депонијата во село Октиси.
Гори и над село Ласкарце накај селото Паничари, Општина Сарај, каде се чека интервенција од воздух поради непристапниот терен.