сабота, 27 јули 2024

И денеска неколку часа ќе бидат затворени граничните премини Евзони и Ники кон Грција

Грчките земјоделци од северниот и северозападниот дел на Грција, денеска, на неколку часа ќе ги затворат граничните премини Евзони (Богородица) и Ники (Меџитлија) кон Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

Објавено на

часот

Сподели

На Евзони ќе се одржи земјоделски собир што ќе започне околу 12 часот по македонско време и во периодот додека трае протестот се очекува да биде блокиран сообраќајот на граничниот премин на неколку часа.

Граничниот премин Ники, според локалните медиуми, ќе биде затворен во периодот од од 11 до 15 часот по македонско време.

Причината за денешните интензивирани активности на земјоделците во Грција е состанокот во Брисел на министрите за земјоделство на Европската Унија на кој ќе се дискутира за новата заедничка земјоделска политика.

Во изминатите денови, по големиот протест во вторникот во Атина, кога земјоделците одлучија дека секој блок посебно ќе ги одреди своите чекори, оние од северна Грција остануваат најактивни и секојдневно во периодот меѓу 20 и 22 часот по локално време периодично го затвораат граничниот премин Евзони (Богородица), како што беше случај и вчера.

Претседателот на земјоделското здружение од областа Пеониа, Томас Карипидис, кој воедно и ги предводи активностите на граничниот премин, во разговор со дописничката на МИА од Атина вчера рече дека на Евзони се паркирани околу 100 трактори и пет комбајни и објасни дека за денеска е планиран голем земјоделски собир на граничниот премин.

„Секако дека ќе биде затворен граничниот премин, ќе има многу народ, ќе биде големо учеството со земјоделски возила“, истакна Карипидис, објаснувајќи дека блокадата ќе трае сè додека не заврши протестот.

Земјоделците веќе над еден месец се активни во цела Грција и бараат од Владата да ги исполни сите нивни барања поврзани со зголемените трошоци за производство, а иако на средбата со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис пред речиси две седмици им беа соопштени дополнителни мерки, изразија незадоволство и продолжија со активностите, кои кулминираа со големиот протест во Атина.

„Нашите барања се познати, енергијата, трошоците за производство, трошоците за снабдување и сето она што го засега секој регион поединечно, барања за кои не добивме обврзувачки одговори дека ќе се исполнат во блиска иднина. И затоа остануваме на нашите блокови, без да направиме чекор кон отстапка“, рече вчера за МИА претседателот на земјоделското здружение од областа Пеониа, Томас Карипидис.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ