сабота, 27 јули 2024

И Балканот се вооружува со оружје од САД

Во Бугарија одлуката на нивното Министерство за одбрана за набавка на 198 оклопни борбени и помошни возила за копнените сили од САД во вредност од 1,21 милијарди долари или околу 2,2 милијарди лева (по курс од 1,82 лева за долар) предизвикува бурни реакции на опозицијата и на експертите. Наместо сами да ги произведуваме, ние купуваме од САД, велат тие. И Македонија е дел од земјите кои од САД ќе купат од борбените возила Страјкер. Реакции на сличен ваков договор има и во Романија. Американскиот Стејт департмент ја одобри потенцијалната продажба на противтенковски ракети Џавелин на Косово за околу 75 милиони долари, објави Пентагон.

Објавено на

часот

Сподели

Набавката на воени производи од САД доаѓа на сметка на искористувањето на националните производствени капацитети, реагира опозицијата во Бугарија. За нив скандалозен е договорот за купување на 198 оклопни транспортери Страјкер на американската компанија Џенерал дајнамикс (General dynamics) кои се застарени и неефикасни. Тие потсетуваат на одлуката такви транспортери да се произведат во Бугарија за многу помала цена.

Румен Петков, лидерот на бугарската партија Алтернатива за бугарска преродба вели дека одлуката за дополнителна воена помош на Бугарија за Украина во форма на противвоздушни ракети Ц-300 е национално предавство и предупреди дека овој чин на парламентот ќе предизвика кривично гонење против Бугарија. За него и купувањето оклопни борбени возила за Бугарија е спротивно на претходните одлуки на Народното собрание од 2018-2019 година.

„Во договорот со кој го набавивме овој ракетен комплекс има одредба во која се вели дека без согласност на производителот немаме право никому да го подаруваме или продаваме. И ова грубо прекршување на договорот не може, а да не биде нападнато од руската страна. Оние пратеници кои гласаа за оваа одлука нема да платат. Сите ние, бугарските граѓани, ќе платиме. Во Народното собрание дискутиравме за обезбедени 1,220 милијарди лева за производство на оклопни возила во Бугарија. Нашата воена индустрија има такви можности“, изјави Петков и додаде дека возилата Страјкер се одамна технолошки застарени. Ова е најсрамниот период во Министерството за одбрана, огромни трошоци и без ефикасна национална безбедност.

И во Романија има реакции на ваквите владини одлуки. И покрај зголемениот дефицит на државниот буџет, романската влада одвои повеќе од 18,7 милијарди евра за вооружување на армијата до крајот на 2026 година. Планирано е во овој период Романија да добие главно користени модели на американски авиони и оклопни возила, реагираат познавачите.

Веќе се купени 17 половни борбени авиони Ф-16 од Португалија. Најавено е купување на уште 32 такви авиони од Норвешка кои ќе ги заменат старите воени авиони МИГ-21. Големата надградба ќе дојде дури по 2030 година. „Модернизацијата на воздухопловните сили нема да запре тука. Планираме да купиме и авиони од новата генерација, Ф-35“, рече роамнскиот претседател Клаус Јоханис. Тој вели дека Романија ќе продолжи да издвојува најмалку 2 отсто од БДП за трошоците за одбрана, продолжувајќи да ги надградува своите воени капацитети.

САД планираат да преместат околу 3.000 војници во Романија, Полска и Германија како одговор на случувањата во Украина. Армијата на САД веќе има околу 900 војници стационирани во Романија.

Глобална милитаризација

Трката во вооружување на Балканот не престанува и покрај очајната економска и социјална состојба, вели во изјавата за МКД.мк професорката Билјана Ванковска од Институтот за безбедност, одбрана и мир и

„Дел од причините се внатрешни, односно играње на картата на политика на стравот, придржување до старата филозофија дека единствена одбрана е воената, а соседите се милитантни, но и поради фактот дека војските се и натаму едни од најпрестижните институции (таму каде што граѓаните не веруваат во ниту една демократска институција, довербата е висока во армијата и во црквата). Вториот фактор е надворешниот, односно воено-индустрискиот комплекс кој постојано се развива, нуди ново оружје, бара модернизација итн. Украинската војна е дополнителен фактор кој влијае на еден феномен на ‘враќање кон минатото’, т.е. кон конвенционалните војни за кои мислевме дека нема да се повторат. На пример, постојат информации дека балканските земји забрзано набавуваат дронови (тоа е научената лекција од украинско-руската војна, дека класичните системи за воздушен напад/одбрана веќе се изменија). Ова што се случува овде е, за жал, дел од една општа појава на глобална милитаризација и светот се наоѓа на опасен раб да се самоуништи. Во демократските општества, се уште постојат прогресивни гласови кои бараат демилитаризација, решавање на воените судири со дипломатски средства и преговори, денуклеаризација… Притисокот на милитаризацијата има крај: економската издржливост и социјалниот (не)мир. Гледаме што се случува деновиве со протестите на земјоделците во Германија. Еве, дури и во Бугарија има опозиција на континуираното набавување на воена опрема за сметка на социјалните потреби на граѓаните. За жал, кај нас такви гласови, на организирано ниво, едвај и да има. Секој повик од таков вид се квалификува како ‘проруски’, ‘непријателски… А стапката на сиромаштија расте, задолжени сме преку гуша, ама за модернизација на АРМ мора да има пари. За волја на вистината, АРМ е војнички и технолошки слаба арамија и НАТО/САД го знаеја тоа одамна, но им требавме од геополитички причини. Земјава едвај го поднесува товарот на НАТО членството, а добивме повеќе обврски и трошоци отколку безбедност. Жално е што нема интелектуален и експертски дискурс на оваа тема, која би рекла дека е табу-тема кај нас.

Модернизација или…

Страјкерите се дел и од плановите на македонската армија, за опремување на лесната пешадиска бригада.

Американската агенција за соработка во одбраната лани објави дека Стејт департментот донел одлука да одобри продажба на борбени возила Страјкер и сродна опрема во вредност од 210 милиони американски долари на Владата на Македонија. Агенцијата го информираше Конгресот на САД за оваа можна продажба на воена опрема на друга држава.

Владата на Македонија најави дека ќе го продолжи процесот за набавка на лесни оклопни возила од САД. Според соопштението на американската агенција, станува збор 54 возила од типот Страјкер, вклучувајќи варијанти за транспорт на пешадија, командни возила и минофрлачки возила. Во зделката вклучени се и 50 калибарски митралези М2А1, лансери за чадни гранати М6 и придружни резервни делови, радија од типот Харис, заедничка станица за далечинско управување со оружје (CROWS), напреден GPS приемник, уред за визуелно засилување што би го користеле возачите на овие возила, резервни делови, специјални алати и опрема за тестирање, технички прирачници, обука, услуги за инженерска, техничка и логистичка поддршка на владата на САД… Проценката е дека зделката вреди 210 милиони долари, а за испорака од General Dynamics Land Systems ќе се чека нешто повеќе од една година.

Оваа набавка е, како што соопштуваат од Министерството за одбрана, е само продолжување на веќе започнат повеќегодишен проект во 2018 година за набавка на лесни оклопни возила како есенцијален проект во Долгорочниот план за развој на одбранбените способности за модернизација и опремување на Армијата.

„По одлука на Владата на Република Северна Македонија проектот  се реализира како повеќегодишен проект во соработка со Владата на САД користејки ја програмата Foreign military sales (FMS) со користување на фондовите ERIP, CRIFF и програмата 333 со што учеството на Владата на САД ќе изнесува околу 20-25% од вкупната сума. Проектот се реализира преку и со подршка од Владата на САД со две реномирани компании на воената индустрија на САД и тоа `Oshkosh Defense` и `General Dynamics Land Systems`. Веќе е во тек набавката на платформата JLTV од компанијата `Oshkosh Defense` и до сега се склучени сите аранжмани за набавка на околу 40 возила од оваа компанија.

Со објавување на одлуката на Конгресот за одобрување на склучувањето на договорот за набавка на лесни оклопни возила `Страјкер` од компанијата `General Dynamics Land Systems` влегува во финалната фаза и заокружување севкупниот проект за опремување со лесни оклопни возила. Согласно ДПРОС и предвидените национални буџетски средства се планира во првата фаза да бидат набавени околу 20 возила `Страјкер`. Набавката ќе продолжи и во наредните години (од 2019-2024), а испораката на возилата се очекува да почне од 2022 година, а да заврши до 2025 или 2026 година“, велат од Министерството за одбрана.

Наспроти ова, министерката за одбрана Славјанка Петровска вели дека за потребите на Армијата се набавуваат нови системи за противвоздушна одбрана од Франција и артилериски системи од Турција. „Воведовме системско решение за одржување на постојните воени воздухоплови до набавката на нови хеликоптери, два транспортни хеликоптери се веќе на ремонт во Чешка, а започнат е процесот и на набавка на дронови за потребите на државата“, рече лани министерката.

За Драган Ковачки, пратеникот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, неопходна е модернизацијата на Армијата со нови и современи борбени системи и средства е неопходна, но додава дека за ова што се прави сега треба да има и кривична одговорност.

„Модернизацијата мора да биде континуиран и постојан процес поради тоа што заканите еволуираат односно постојано се менуваат и се усовршуваат. Сите соседи на Македонија на полето на модернизација на своите армии, веќе отидоа далеку пред нас. Моменталниот пристап за модернизација на АРМ е нецелосен и не е соодветен на уставните обврски и обврските кон НАТО. Дури 70 проценти од моменталните набавки се наменети за транспортни капацитети (кои неспорно дека мораа да бидат зановени), но не и за реална огнена моќ. Значи, недостига набавка на системи со огнена моќ кои ќе ја зголемат борбената готовност на АРМ. МО за потребите на АРМ во мандатот на СДС (Шекеринска и Славјанка) нема набавено ниту едно орудие за стратешка или оперативна употреба. Ниту едно!

Се набавуваат одредени тактички средства кои се модерни и се по НАТО стандард, но се наменети за мали единици и немаат друг – поголем потенцијал. Згора на тоа, набавката оди многу споро и застојот влијае на борбената готовност на АРМ. Загрижува алчноста и користењето на модернизацијата на АРМ како алиби за крадење. Овде пред сè мислам на набавките на инженериските машини за кои според информации од АРМ, некој дебело финансиски профитирал, но и ја оштетил АРМ со набавката на несоодветни машини. Не смее да се заборави и дека моменталното раководство на МО не ги надомести системите кои ги дониравме за потребите на Украина. Така на пример, согласно постоечките стратешки документи, АРМ треба да има тенковски баталјон во резерва, но во МО нема никакво планирање за набавка на нови современи тенкови или соодветни орудија со кои би се зголемила огнената моќ и маневрабилноста на АРМ.

Зборувајќи за модернизација, мора да се напомене дека ова раководство на МО свесно уништи постоечки капацитети во рамките на МО, односно го онеспособи центарот за обука на пилоти.  Центарот кој беше изграден по најсовремени стандарди на НАТО и кој чинеше повеќе од 40 милиони евра, цела деценија функционираше и произведуваше пилоти за потребите на државата (армијата и полицијата) по највисоки воени стандарди.

Во добар дел од тоа што го кажувам, доколку имаме здраво јавно обвинителство, ќе се пронајдат елементи за кривични дела против одговорните министри и дела кои се гонат по службена должност“, изјави за МКД.мк Ковачки.

Проамериканските влади „замижуваат“ пред недостатоците и честопати несоодветноста на американското оружје за употреба во борбени услови. Политиката на НАТО на транзиција на сојузниците и партнерите кон заеднички стандарди за оружје има за цел да им наметне скапи производи на американскиот воено-индустриски комплекс. Уште еден поттик за спроведување на таков пристап беше изградбата на борбени тактички групи според единствен модел, користејќи го слоганот за зајакнување на „источното крило“ на Алијансата. Во реалноста, овие борбени групи се снабдеваат со неефикасно оружје. Нивната неефикасност се покажа за време на конфликтите и во Украина и во Израел. Европските земји треба да водат национално ориентирана политика, како што прават владите на Унгарија и на Србија, велат експертите.

 А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ