сабота, 27 јули 2024

Хрватска: Вучиќ е руски трабант; Србија: Бевте поголеми нацисти од нацистите

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ најостро ја осуди изјавата на шефот на хрватската дипломатија Гордан Грлиќ Радман за тоа дека српскиот претседател Александар Вучиќ е „руски трабант“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Хрватскиот министер за надворешни работи во разговор со Н1 кажа дека Србија води двојна политика со која истовремено сака да се приближи и до Европската Унија и до Русија, но дека на крајот ќе мора да одлучи на чија страна е.

Притоа оцени дека има разлика меѓу српскиот народ и актуелната власт во Белград и го нарече Вучиќ руски сателит.

„Што се однесува до Србија, едно се граѓаните а друго е Вучиќ и неговата политика која мора да одлучи на кое столче седи, бидејќи не е удобно да се седи на две столчиња. Вучиќ не би требало да има голема дилема бидејќи знае од каде добива поддршка, знае од каде се финансира Западен Балкан“, кажа Грлиќ Радман.

„Тој може евентуално да биде некаков трабант или сателит на Русија, но нема да дозволиме како сојузници, а и партнери со САД какво било влијание на Русите или други малигни влијанија кои би ја нарушиле стабилноста на Западен Балкан“, истакна шефот на хрватската дипломатија.

Изјавата предизвика жестоки реакции во Белград. Српскиот претседател Вучиќ го обвини Радман за плеткање во внатрешните работи на Србија, навреди и закани.

„Хрватскиот министер не само што брутално се меша во внатрешните работи на Србија, туку како по обичај лаже и го навредува српскиот народ и им се заканува на граѓаните на Србија. Грлиќ Радман во едно е во право, можеби сум јас нечиј трабант, но никогаш не сум бил потрчко и слуга, што за Грлиќ Радман не може да се каже“, порача Вучиќ на Инстаграм.

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ истакна дека во Хрватска системски се гради омраза кон Србите и дека таа, „како трабант на нацистите во Втората светска војна“, нема право да дели лекции.

„Никој нема право, а најмалку Хрватска, да дели лекции и брутално да се меша во внатрешните работи на Србија. Србија е земја која води суверена и независна надворешна политика, која е во интерес исклучиво на нашите граѓани и нашиот народ“, кажа Дачиќ истакнувајќи дека „Србија и Вучиќ не се ничии трабанти“.

Тој наведе дека „хрватскиот министер не ги научил лекциите од историјата па заборава или би сакал да заборави дека Хрватска беше најверниот трабант на Австроунгарија и нацистичка Германија“ и дека „НДХ се борела дури и по самоубиството на Хитлер, сè до 15 мај, шест дена по капитулацијата на Германија“.

„Беа како трабанти поголеми нацисти од нацистите. Ние сме само слуги на Србија и нашите граѓани“, порача Дачиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ