среда, 19 март 2025

Хрватска, Албанија и Косово потпишаа декларација за одбранбена соработка

Хрватска, Албанија и Косово потпишаа декларација за јакнење на одбранбената соработка која би требало да придонесе на безбедноста на југоистокот на Европа, соопшти хрватското министерство за одбрана.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Декларацијата во Тирана вчера ја потпишаа министрите за одбрана на трите земји Иван Анушиќ, Пиро Венгу и Ејуп Мачедонци.

Со декларацијата, на која може да пристапат други држави, се истакнува важноста на заедничките одговори на безбедносните предизвици, хибридните закани и други ризици кои можат да ја загрозат регионалната стабилност.

Документот ги промовира одбранбените капацитети и соработката на индустриите за оружје, јакнењето на интероперабилноста преку образование, обука и вежби, сузбивање на хибридни закани и целосна поддршка на евроатлантските интеграции, наведува хрватското министерство.

Анушиќ кажа дека новата геополитичка ситуација бара создавање нови и зајакнување на постоечките сојузништва и дека Хрватска, Албанија и Косово имаат силен заеднички интерес да се зачува стабилноста на југоистокот на Европа.

„Нашите односи со Косово и Албанија се долги и пријателски, а соработката која ја развиваме се темели на сојузништво и заеднички интереси. Целта е да се зајакне политичката и одбранбената соработка на нашите земји и да се поддржат Косово и Албанија на нивниот евроатлантски пат“, кажа хрватскиот министер.

Тој престојува во дводневна посета на Албанија и се сретна со албанскиот претседател Бајрам Бегај.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ