Министерката за миграции во холандската влада Марјолејн Фабер претходно кажа дека оваа мерка се воведува за да се спречат илегалните миграции и трговијата со луѓе.
„Време е овие два проблеми да се третираат на конкретен начин. Затоа од почетокот на декември повторно воведуваме гранични контроли“, рече претходно Фабер, додавајќи дека ќе бидат вложени напори ова што помалку да ги погоди редовните патници и економскиот прекуграничен сообраќај.
Мерката ќе важи шест месеци, значи до 9 јуни 2025 година, а доколку ситуацијата дотогаш не се поправи, холандската влада може да го продолжи траењето на контролите.
На засилениот надзор главно влијаеше одлуката на Германија, која прва во шенгенската зона повторно ги воведе граничните контроли, и тоа прво на источните, а од 16 септември оваа година на сите свои копнени граници, правдајќи го тоа со борбата против илегалните миграции и организираниот криминал.
Примерот на Германија потоа го следеа и некои други членки на Европската Унија. Привремени контроли на границите до пролетта 2025 година, кои може да бидат продолжени, во шенгенскиот простор воведоа и Австрија, Данска, Италија, Франција, Малта, Словенија и Шведска, како и земјата што не е во ЕУ, но е дел од Шенген, Норвешка.
Холандската жандармерија веќе извесно време врши ненадејни инспекции по должината на холандските граници, но таа контрола сега ќе стане построга, пишува порталот Шенген њуз.
Холандската десничарска влада на 18 септември оваа година побара од Европската комисија да излезе од заедничката регулатива на ЕУ за правото на азил, но и самата призна дека е малку веројатно дека тоа може да се оствари. Еден портпарол на ЕУ намерите на владата во Хаг ги коментираше со зборовите дека „генерално начело е дека не може тукутака да се излезе од усвоените законски рамки на ЕУ“.
Холандија со Германија има копнена граница долга 567 километри, а со Белгија 478 километри. Тоа се нејзините единствени копнени граници, а дели и поморска граница со Германија, Белгија и со Велика Британија.